Со 600.000 денари (околу 10.000 евра), обезбедени од Министерството за култура и Општина Куманово, реновирана е спомен-куќата на антифашистичкиот народен херој Христијан Тодоровски-Карпош во Куманово. Денеска, на денот на неговото загинување пред 77 години, куќата е отворена за посетителите. Христијан Тодоровски Карпош е роден во Куманово 3 септември 1921, а загинал на 7 февруари 1944 во прешевското село Биљачана, во борба со бугарската фашистичка војска и полиција, како командант на кумановскиот партизански баталјон „Јордан Николов-Орце“. Прогласен е за народен херој на Југославија во 1945 година.
„Куќата-музеј за првпат е отворена 1979 година. Во текот 2019 и 2020 година таа е реновирана, а музејската поставка е обновена со значајни историски експонати. На приземјето е изложен мебел од триесетите години на минатиот век, дел од предметите припаѓаат на семејството на народниот херој, а дел се од Музеј Куманово. На првиот кат се поставени форекси, фотографии, документи, оружје и други предмети кои го прикажуваат животниот пат и борбата на Христијан Тодоровски-Карпош“, кажа Марија Живачки, авторка на поставката.
Реновирањето на куќата започна како дел од програмата Куманово – Град на културата и 500 години од неговото формирање.
„Голема благодарност на сите што помогнаа да се обнови куќата-музеј, а особена благодарност до вработените коишто со минимални средства и многу напор направија овој простор да го добие своето место. Музејот ќе биде отворен секој работен ден и сите заинтересирани можат да го посетат“, рече директорот на Музеј Куманово, Богдан Таневски.
По повод годишнината од погибијата на народниот херој, денеска цвеќе пред бистата на Карпош положија претставници на Сојузот на борците од Куманово и Врање, од локалната самоуправа на Куманово, политички партии, училишта, здруженија и граѓани.
С. НИКОЛИЌ