Ракот на дојка во Охридско–струшкиот регион во последните 10 години е во пораст. Во Здравствениот дом во Вевчани зголемен е и бројот на прегледи на пациентки, но опаѓа старосната граница за заболени. Најмладата кај која е дијагностициран карцином на дојка имала 27 години.
„Свеста од година во година расте, женската популација си има една своја култура да доаѓа на редовни мамографски и ехотомографски прегледи, на шест месеци или на година. Клучно за лекувањето на болеста е рана детекција и ефективен третман “, вели д-р Жарко Даскалоски специјалист по радиодијагностика од Здравствен дом Вевчани.
Во Здравствениот дом во Вевчани има пациенти од цела држава, годишно се прават и над 2.500 ехо прегледи и мамографија на дојки.
Во 2019 се направени 2.650 прегледи, а дијагностицирани се 44 карциноми. Минатата година во време на пандемија се прегледале 2.100 жени од кои 35 имале рак на дојка. Сите тие се навреме дијагностицирани и испратени на хируршка интервенција.
„Пациенти имаме од цела држава, а најбројни се од Дебар, Охрид, Струга, Кичево, а во последен период доаѓаат од Скопје, Македонски Брод, Ресен како и од источниот дел на државата кои слушнале за Вевчани“, вели Даскаловски.
Даскалоски, потенцира дека генетиката но и начинот на живот, стресот, исхраната се едни од главните причини за ова заболување.
„Препорачувам жените да прават задолжителен превентивен преглед без разлика дали имаат симптоми или не. Раното откривање значи навремен третман и продолжување на животот“, вели Даскаловски.
Во Здравствениот дом во Вевчани во изминативе 18 години карцином на гради е откриен и кај тројца мажи.
С. ВРЕНЦОВСКА