РЕК „БИТОЛА“ ЗА 17,5 МИЛИОНИ ЕВРА КУПУВА МЕХАНИЗАЦИЈА ЗА РУДНИЦИТЕ ЗА ДА ГИ НАМАЛИ ТРОШОЦИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ МАШИНИ ОД ДРУГИ ФИРМИ

    РЕК „БИТОЛА“ ЗА 17,5 МИЛИОНИ ЕВРА КУПУВА МЕХАНИЗАЦИЈА ЗА РУДНИЦИТЕ ЗА ДА ГИ НАМАЛИ ТРОШОЦИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ МАШИНИ ОД ДРУГИ ФИРМИИнвестицијата е опишана како најголема во четиридецениското работење на комбинатот (Фото: СДК.МК)

    РЕК „Битола“ потпиша договори со пет реномирани фирми за набавка на механизација за потребите на рудниците Суводол и Брод Гнеотинo, инвестиција вредна 17.550.000 евра. Со ова, РЕК ќе задоволи околу 30 проценти од потребите за помошна механизација, со што значително ќе се намалат вкупните трошоци за користење машини од надворешни фирми.

    „РЕК склучи договор со економски оператори за набавка на опрема за непречено производство на електрична енергија. Притоа, од аспект на вкупните трошоци за помошна механизација, заштедата треба да биде околу 30 проценти“, рече премиерот Зоран Заев.

    Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека од објавените 47 парчиња механизација се набавуваат 36, а останатите, поради несоодветни понуди, ќе се објават повторно и многу брзо ќе бидат комплетирани.

    Предмет на набавката се багери, булдожери, камиони, автодигалки, цистерни, утоварувачи, ровокопачи и друго. Механизацијата се набавува од реномирани и докажани производители, како „Волво“ и „Рено“.

    „Во текот на овие четири децении постоење на комбинатот, ваков обем на набавка на механизација не се случила. Од 2008 беа набавени само неколку машини за рудникот Брод Гнеотино. Токму затоа, РЕК ‘Битола’ во својата работа се потпираше на помошна механизација од надворешни приватни фирми. За овие услуги, во преиодот од 2006 до 2020 година биле исплатени над 120 милиони евра“, рече Златко Ќурчиевски, директор на РЕК.

    Тој додаде дека за повеќе од двојно го намалиле износот за набавка на двојно поголем број машини од тендерот што бил распишан во 2017.

    „Оваа набавка, освен економска, има и социјална димензија. Наша проценка е дека ќе бидат потребни најмалку 150 работници од најразлични профили кои во РЕК ќе ја обезбедуваат својата егзистенција“, додаде Ќурчиевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира