ПРИВАТНА ГИМНАЗИЈА БАРА ДА ГО ИЗНАЈМИ НОВОТО ШКОЛО „КИРО ГЛИГОРОВ“, РОДИТЕЛИТЕ ГНЕВНИ, А БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ ДЕКА ТОЈ НЕ ОДЛУЧУВА

    ПРИВАТНА ГИМНАЗИЈА БАРА ДА ГО ИЗНАЈМИ НОВОТО ШКОЛО „КИРО ГЛИГОРОВ“, РОДИТЕЛИТЕ ГНЕВНИ, А БОГДАНОВИЌ ВЕЛИ ДЕКА ТОЈ НЕ ОДЛУЧУВАНа отварањето на новото училиште во септември 2019 беше цела влада. (Фото: К. Попов)

    Приватното средно училиште „Арс студио“ бара да го изнајми новото основното училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во скопската Општина Центар. На 24 ноември лани до училиштето е поднесено барање, по што директорката ги запознала членовите на училишниот одбор. Минатиот месец, за идејата средношколци од приватно училиште да учат заедно со основци во новото училиште биле известени и родителите кои остро реагирале и побарале иницијативата веднаш да се отфрли.

    Родителите досега испратиле неколку петиции кои ги доставиле до училиштето, до градоначалникот на Општина Центар, до Советот на Општина Центар и до Министерстото за образование.

    „Педесет години чекавме да се изгради школо во Капиштец, таман го добивме и сме горди што е најмодерно во државата, сега сакаат да го изнајмат на приватна гимназија. Неприфатливо е ваквото барање бидејќи ќе доведе до мешање на деца од различни возрасни групи со различен емотивен, физички и социјален развој. Тое е несоодветно, дури помалку и скандалозно. Од овие причини постојат посебни објекти за осново, средно и високо образование. Вакви важни одлуки кои е однесуваат на нашите деца и на нашето училиште, кое е изградено со наши пари, не смее и е недозволиво да се носат без општ консензус на сите засегнати страни. Ниту училиштето,  ниту Општината, ниту пак Министерството за образование не смеат да имаат ексклузивност во носење на одлуката. Училиштето ‘Киро Глигоров‘, треба да остане училиште за основно образование, во кое нашите деца непречено ќе бидат образувани и воспитувани од наставниот кадар и ќе се дружат со своите врсници како што им прилега на нивната возраст“, велат родителите кои до редакцијата на САКАМДАКАЖАМ. МК ги доставија петициите поднесени против барањето.

    Тие велат дека имале состанок и со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кој ја прифатил иницијативата да се изнајми училиштето ако децата учат во различни смени.

    Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тој не одлучува за овој предлог туку училишниот одбор. Во училишниот одбор членуваат наставници од училиштето, советници од неговата партија во Советот на Општина Центар и претставници на родителите. Директорката на училиштето ја назначува Општина Центар и тој како градоначалник.

    „Нема потреба од никакви петиции. Ако училишниот одбор одлучи да не се прифати ова барање така и ќе биде. Мојот став е дека не треба да има мешање на децата. И сега некои училишта се издаваат на приватни школи по странски јазик по два часа неколку дена во неделата по завршување на наставата“, вели Богдановиќ.

    На нашето прашање што значи тоа дека за него е неприфатливо децата да се мешаат, дали смета дека е во ред да се издаде доколку во една смена одат основците, а во втора средношколците, Богдановиќ уште еднаш повторуваше дека не одлучува тој дали ќе се издаде или не, но смета дека ако има смени нема да има мешање на децата.

    Родителите, пак, сметаат дека децата не смеат да учат во смени бидејќи целодневната настава од прво до трето одделение во 15 часот, а постои дежурна училница која работи до 17 часот.

    „Училиштето како правен субјкет е регистратирано исклучиво за основно-образовна дејност. Дозволени се самофинансирачки активности, само доколку не го нарушуваат редовниот образовен процес. Кој ќе ја понесе одговорноста за било какви непријатни настани кои може да се случат ако двете училишта функционираат заедно? Кој е бенефитот од отварање на паралелено приватно училиште за децата од ‘Киро Глигоров’?“, прашуваат родителите.

    Училиштето „Киро Глигоров“ беше отворено во септември 2019 и чини 5,5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира