Владата пак најави примопредавање на вакцините против ковид-19 од Србија, овојпат за утре (недела) во 10 часот на граничниот премин Табановце. Од Владата велат дека на примопредавањето ќе учествува делегација од Република Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ, а негов домаќин ќе биде премиерот Зоран Заев.
Ваква идентична најава имаше и на 10 февруари, но вечерта истиот ден беше соопштено дека примопредавањето е одложено заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините
Станува збор за првата половина од пратката од 8.000 вакцини на „Фајзер“, за кои Заев пред нецел месец кажа дека ќе стигнат како помош од Србија, по телефонскиот разговор со Вучиќ.