Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) денеска потпиша договор за грант од 2,4 милиони евра со Германската банка за развој банка (КФВ), средства со кои ќе се поддржат фотоволтаични електрани во РЕК Битола, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола.
Со имплементацијата на овие енергетски проекти, производството на електрична енергија би се зголемило за околу 650 гигават/часови.
„Потпишувањето на договорот значи користење на грант неповратни средства од германската влада во износ од 2,4 милиони евра, со цел изработка на технички студии и документи кои се неопходен чекор во насока на инвестициите во обновливи извори на енергија. Овие грант средства ни ставаат на располагање дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетските објекти“, кажа премиерот Заев на потпишувањето на договорот за грант од „Програмата за обновливи извори“.
Како што кажа Заев, Германија во последните 20 години ни помогнала со над 500 милиони евра во развојни проекти, од кои повеќе од половина се во енергетскиот сектор.
„Владата е на вистинскиот пат со вложувањето кон обновливи извори на енергија и поддршка на зелени инвестиции во јавниот сектор кои ќе придонесат во намалување на загадувањето. Во Германија јасно се гледаат предностите од обновливите извори на енергија и чекорите кои ги прави Северна Македонија во реформите на енергетскиот сектор“, кажа германската амбасадорка Анке Холштајн.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на ЕСМ Васко Ковачевски рече дека со грантот ќе биде финансирана изработката на физибилити студии и студии за влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите.