„Денес е полесно да добиете нуклеарно оружје отколку вакцина“, кажа претседателот Александар Вучиќ откако Србија во јануари ја доби првата пратка од еден милион вакцини против ковид-19 на кинеската компанија „Синофарм“.
Србија оттогаш создаде голема залиха од руската вакцина „спутник“ и потпиша договор за нејзино производство. Таа не само што ја предводи имунизацијата против ковид-19 во Европа, туку и подари дел од своите вакцини на Македонија.
Вакцините станаа ново средство за влијание во светот. Индија овој месец им подари милиони дози на своите соседи во Југоисточна Азија, на што Кина одговори со давањето бесплатни вакцини на 13 држави, што ќе биде проширено на уште 38. Русија профитираше од одложувањето на испораките во Европска Унија, па неколку земји, почнувајќи од Унгарија, побараа нејзини вакцини.
Кина и Русија досега имаат испорачано вкупно 800 милиони вакцини во 41 држава, најмногу во Индонезија, Индија, Турција, Бразил и Египет.
Околу 130 држави сѐ уште не го почнале процесот на имунизација, од кои повеќето зависат од Ковакс иницијативата, која треба да обезбеди вакцини за земјите во развој, што треба да се реализира во следните шест месеци. Дотогаш, држави како САД, Велика Британија и Канада ќе бидат на патот да остварат колективен имунитет, откако богатите западни држави купија најголем дел залихи од западните вакцини што ќе бидат произведени во 2021.
„Вакцина-национализмот на западните држави отвори простор за други земји да прават дипломатија со вакцини. Русија и Кина сега не бараат ништо за возврат за подарените вакцини, но на долги патеки ќе се плати дивиденда“, вели аналитичарката Агате Демарез.