Активистот на Шарената револуција Павле Богоевски денеска (среда) во 11 часот треба да се појави на судење во Основниот суд Скопје 1, само три дена откако на конгресот на СДСМ повика на заеднички фронт на партиите со непартиските граѓани на изборите на 11 декември. Основното јавно обвинителство го товари Богоевски за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, дело за кое следува парична казна или казна затвор до три години.
„Да, јас бев на протестот на 18 април и бев дел од групата која Зврлевски ја нарекува „толпа“ (јас ги нарекувам соборци и соборки). Не, не признавам вина за делото за кое ме товарат. Не може системот кој дозволува Груевски и неговото здружение десет години да ја силуваат државата, одеднаш да одлучи да доделува правда за тие кои протестираат против тоа (и благодарение на кои, Груевски и останатите сега се обвинети и осомничени, а не аболицирани лица)“, порача Богоевски преку социјалните мрежи.
Шарената револуција објави повик за протест за поддршка на Богоевски, закажан за 10.45 часот пред Основниот суд Скопје 1, непосредно пред судењето.
Богоевски беше еден од говорниците на конгресот на СДСМ во неделата, на кој лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев најави широк фронт на претстојните избори.
„Битката за Македонија, драги соборци и соборки, можеме да ја добиеме само заедно. Партиите, рамо до рамо со непартиските граѓани. Бидејќи, да не се лажеме – вистинската работа започнува по 11 декември“, повика тогаш Богоевски.