Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинение за кривичното дело Бесправно градење за објектот спроти Американската амбасада, случај кој го отвори поранешното СЈО во 2017 година под кодно име „Лидери“, соопшти Јавното обвинителство. Обвинет е само 50-годишниот инвеститор од Скопје.
„Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против едно лице во предметот во јавноста познат како ‘Лидери’. Обвинетиот 50-годишник од Скопје се товари за кривично дело – Бесправно градење согласно член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од септември 2011 до февруари 2013 година, обвинетиот градел на земјиште во државна сопственост на булеварот ‘Никола Карев’ во Скопје, за кое во 2004 година имал склучено Договор за закуп и користење на пасишта со ЈП за пасишта – Подружница Бит Пазар – Скопје. Иако согласно договорот бил корисник на земјиштето за период од 10 години, тој инвестирал во градба на армирано-бетонски објект од втора категорија. Без одобрение за градба тој изградил станбена зграда на два ката со вкупна корисна површина од 1.001 м2, со деловен простор и шест стана“, соопштија од обвинителството.
Истрагата за „Лидери“ беше отворена по бомбата во која поранешниот лидери на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети се договараат за селективно уривање на дивоградби на „нашите“ и на „вашите“, но во овој случај не одговараат тие, туку само инвеститорот на дивоградбата.