Чешка мора да ги заостри мерките во борбата против пандемијата за да спречи катастрофа во болниците во наредните недели, кажа премиерот Андреј Бабиш, додека земјата се соочува со една од највисоките стапки на зараза и смрт од ковид-19 на светот.
Во Чешка вчера беа потврдени 15.000 нови случаи на зараза, што е најголема дневна бројка од 6 јануари. Чешка го бележи најбрзото ширење на вирусот во Европа, при што бројот на заразени по глава на жител е шест пати поголем отколку во соседната Германија во изминатите две недели.
Бројот на хоспитализирани пациенти кои се во сериозна состојба порасна на рекордни 1.389, со што останаа малку слободни кревети во земјата. Министерот за здравство предупреди дека болниците ќе бидат преполни во наредните недели и дека можеби ќе се побара помош од Германија да прими некои пациенти.
„Нѐ очекуваат пеколни денови“, кажа Бабиш.
Бројките во Чешка растат, иако рестораните, теретаните, театрите и училиштата се затворени, а од продавниците работат само оние кои продаваат неопходни продукти.