30 СЕМЕЈСТВА ЖИВЕАТ ВО КОЛИБИ СРЕДЕ КУПИШТА ОТПАД ВО „ВЕСЕЛАТА ДОЛИНА“ ВО СТРУГА, БАРААТ СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ

    30 СЕМЕЈСТВА ЖИВЕАТ ВО КОЛИБИ СРЕДЕ КУПИШТА ОТПАД ВО „ВЕСЕЛАТА ДОЛИНА“ ВО СТРУГА, БАРААТ СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИДел од куќите се цврста градба, останатите направени од плехови налик на колиби. (Фото: СДК.МК)

    Во импровизирани куќи, калливи улици, големи вирови после секој дожд, услови под сите стандарди, вака живеат 30-тина семејства од ромската населба на самиот влез од Струга. Сликата во „Веселата долина“, како што самите ја нарекуваат, е очајна со години. Имаат покрив над глава колку да не спијат под ведро небо. Дел од куќите се цврста градба, останатите направени од плехови налик на колиби.

    Гневни што се заборавени од сите, повеќето не сакаа да зборуваат за нивната мака.

    „Не сакаме да снимате, одете си“, револтирано викаа повеќето од нив.

    Властите ги посетувале само за избори, но ветувањата дека ќе добијат социјални станови досега ниту една власт не ги исполнила. Нема ниту инфраструктурно уредување па жителите велат, „заглавени сме во фекалии, кал и сиромаштија“.

    „Загадена е околинава нема никакви услови за живот. Излажани сме од секого, кој и да дојде од власта ни ветуваат дека ќе ни направат социјални станови, дека ќе не сместат. Само лажат, само дојди гласај и пријатно. Ова место овде, во туристички град е срам за државата. Туристи застануваат да видат што е ова место, сликаат, не веруваат дека тука живеат луѓе. Во Дебар ќе има социјална зграда, а не е туристичко место. Како може таму да има згради, а во Струга не? Јас имам 45-години и ништо од ветувањата, само нè лажат“, вели Шериф Шира жител на „Веселата долина“.

    Властите ги посетувале само за избори, но ветувањата дека ќе добијат социјални станови досега ниту една власт не ги исполнила. (Фото: СДК.МК)

    Револтот е поголем бидејќи и покрај плаќањето на сите давачки кон државата живеат во најмизерни услови, во околина налик на депонија со тони отпад покрај реката Црн Дрим. Дел од нив поднеле и барања за легализација на куќите кои се на државно земјиште, а во кои живеат повеќе од 60 години.

    Засега нема проект за социјална зграда во Струга иако во 2015 година тогашните власти го најавија тоа. (Фото: СДК.МК)

    „Деца растат овде. И ние сме луѓе сакаме да живееме како луѓе. Плаќаме вода, струја, даноци. Социјални станови направија секаде само во Струга не. Жалосно е ова. Кога треба за гласање нè бараат, а после нè забораваат. Ова е срамота, насекаде кал. Ова е катастрофа. Поднесовме и документи за легализација, само проектот нè чинеше сто евра и ништо од тоа“, вели семејство кои долги години живее во населбата.

    Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор подружница Охрид, велат дека засега нема проект за социјална зграда во Струга иако во 2015 година тогашните власти го најавија тоа. Потврдија дека е планирано да започне изградбата на вакви станови во Дебар.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира