Долгогодишниот градоначалник на Загреб Милан Бандиќ почина ненадејно ноќеска на 66 години. На Бандиќ доцна синоќа му се слошило и од градската управа објавија дека имал срцев удар.
Бандиќ беше една од најконтроверзните појави на хрватската политичка сцена, при што 20 години владееше со главниот град на Хрватска и редовно победуваше на изборите, иако неговото име се врзуваше за многубројни афери и скандали.
Бандиќ првпат стана градоначалник во 2000 година како кандидат на Социјалдемократската партија, но две години подоцна поднесе оставка откако пијан предизвика сообраќајна несреќа, по што се обидел да подмити полицаец. На функцијата се врати во 2005.
Во 2014 беше уапсен под обвинение за финансиски малверзации заедно со неколкумина директори на градски претпријатија. Последниот мандат го освои во 2017 како кандидат на својата сопствена партија.
Во 2009 се кандидираше и за претседател на Хрватска и успеа да влезе во вториот круг, каде што беше поразен од Иво Јосиповиќ.