Српските епидемиолози ја повикаа владата да воведе вонредна состојба и строги рестрикции за да се сопре ширењето на коронавирусот. Бројот на новозаразени значително расте во земјата, иако таа е еден од светските лидери во имунизацијата против ковид-19 и досега се вакцинирани околу еден милион жители.
„Мора целосно да ги забраниме контактите или ќе пукнеме. Дури потоа ќе сфатиме што значи да колабира здравствениот систем“, изјави водечкиот српски епидемиолог Предраг Кон.
Според него, во земјата треба да бидат отворени само аптеки, прехранбени продавници и бензински пумпи.
„Вонредната состојба нема алтернатива, мора да се прекине ланецот на трансмисија. Целото општество мора да понесе одговорност. Со строги мерки страда економијата, но тие се неопходни за да се спасат животи. Луѓето мора да сфатат дека ова не е игра“, изјави Кон.
Србија вчера имаше речиси 3.500 нови случаи на коронавирус од 13.300 тестови или 26% од тестираните, како и 16 починати. Здравствените власти велат дека во болниците има повеќе од 4.000 пациенти со ковид-19 и сметаат дека последното ширење се должи на многубројните забави и работата на ноќните клубови и скијалиштата, во кои не се почитуваат препорачаните мерки.
Претседателот Александар Вучиќ вели дека не верува дека земјата е блиску до прогласување вонредна состојба.
„За тоа, сепак, ќе реши владата. Но, лекарите се во право кога велат дека мора да бидеме подисциплинирани“, изјави Вучиќ, додавајќи дека во Србија дневно се вакцинираат меѓу 15.000 и 20.000 луѓе.