Српскиот претседател Александар Вучиќ донесе 5.000 вакцини на „АстраЗенека“ во Сараево и притоа демантираше дека ја врши работата на Европската Унија со тоа што го снабдува регионот со вакцини против ковид-19.
„Не ми паѓа на памет да ја вршам работата на ЕУ. Ние само се однесуваме нормално, како добри соседи и пријатели. Не бараме ништо повеќе, дури ни благодарност. Кога ЕУ нешто донира, тоа е солидарност, а кога ние правиме нешто добро, велат дека тоа е доминација. Каква болест е тоа? Доста ми е од такви празни приказни“, изјави Вучиќ.
БиХ е третата земја во регионот на која Србија ѝ донира вакцини, по Македонија и Црна Гора.
„Очекувавме помош од многу помоќни од нас. Се надевавме дека ќе добиеме вакцини од ЕУ, не ги добивме. Ова не е помош, туку нешто што еднакво ни припаѓа на сите. Србија само имаше среќа да обезбеди повеќе вакцини. Мора да се свртиме едни кон други“, кажа Вучиќ.