Унгарската владејачка партија Фидес објави дека излегува од централнодесничарскиот блок во Европскиот парламент откако тој изгласа измени во својот правилник, што ќе овозможат исклучување поединци, па дури и цели партии од членството.
Мнозинството членови на Европската народна партија (ЕПП) се залагаа за исклучување на партијата на Виктор Орбан, сметајќи дека ја поткопува демократијата во Унгарија и забранува медиуми и други слободи.
Набргу по гласањето, Орбан објави писмо на Твитер во кое кажа дека е многу разочаран и дека нема да дозволи неговата партија да биде исфрлена од блокот.
„Затоа ве информирам дека европратениците од редовите на Фидес се повлекуваат од членството во ЕПП. Менувањето на правилата е несомнено непријателски потег против Фидес и нашите гласачи“, вели Орбан.
ЕПП го суспендираше членството на Фидес во 2019 година, но неговите европратеници останаа дел од групата во Европскиот парламент.