1. На следната конференција за печат на Државната изборна комисија, новинарите ќе бидат замолени однапред да ги напишат своите прашања. Зашто, секоја прес-конференција на претседателката на Комисијата Лилјана Ристова – Ингилизова се држи по одредена задача и треба да ѝ се даде време однапред да се подготви. Не може, туку-така, на новинарите да им текнува да поставуваат разни прашања, а таа не добила задача. Вака, ако однапред ѝ се приложат прашањата, претседателката ќе може да праша што да им одговори.
Настрана што е крајно безобразно новинарите да поставуваат прашања? Каде го научиле тоа? Тие треба само да слушаат и да напишат што ќе им се каже. А не да демонстрираат крајна дрскост и да ја нервираат претседателката. Таа се обиде да ги шокира кога почна да им мавта со прстот, ама со невоспитани новинари ни тоа не помага. При следното појавување пред јавноста, госпоѓата судијка не треба да ја напушта прес-конференцијата пред шокираните новинари. Посилен ефект ќе постигне ако се појави со стапче за тепање.
2. Кој го тоа направи, па Ѕинго остана. Сам. Дали Латас, дали кројачот што не му соши поширок костум за да може да ги дигне рацете повисоко кога мавта, дали Тони Блер, дали тоа што не знаеја дали се во позиција или во опозиција, или, пак, зашто граѓаните не сакаат да бидат Европејци… Како и да е, барем Ѕинго ќе си го имаме во следниот состав на Собранието. Ако остане единствен и по вториот круг, Собранието ќе треба да донесе посебен закон за него. Таква природна реткост треба да биде заштитена со закон.
Нема место за разочарување. Социјалистите и онака не беа за тука. Да провериме, да не отишле случајно во Европа. Можеби уште по првиот круг се пласирале директно во Европскиот парламент во Стразбур.
3. И Гошев не е баш во некое големо друштво со неговите. Се пожали дека имале најдобра програма, дури и министерот Ѓорѓи Спасов им ја пофали кампањата, а пак народот не го сфатил.
Еднаш Дар – Мар го нацрта Гошев како фудбалер на центарот на игралиштето, кој не знае на која страна да го шутне фудбалот. Тој малку го напаѓаше Бранко, па малку се согласуваше со некои негови ставови, малку играше на страната на опозицијата, па малку ја напаѓаше милијардата на Циле. Кога одат на фудбал, навивачите обично чекаат да видат гол. А Гошев, додека се мислеше на која страна да “пука”, си даде автогол.
4. И така, додека СДСМ ги фали либералните демократи, а Љубчо ја фали “Нова Македонија”, зашто таа за него е посилна од закон, на небото над Македонија се раѓа ѕвездата на Ѓорѓи Спасов. Бранко, дефинитивно, треба да се откаже од услугите на Ханџиски, да си го смени “мачо пристапот” во рекламите за телевизија, да ја замолчи Шеќеринска и во кампањата да оди само со настапите на министерот Спасов. И тоа веднаш нека потпишува договор, додека не се сетил да му го украде Ѕинго и да го стави како водител на “Профил”.
По првиот настап на Сител, кога Латас го гледаше соговорникот со подголтнување и со одушевување – “конечно се најде некој подобар од мене”, со брилијантниот настап на државната телевизија, кога дури и новинарката се обиде да го потсети дека сé уште е министер, Спасов, дефинитивно, си ја обезбеди иднината. Ако во следниот мандат треба да оди во опозиција, тогаш ќе му го земе лебот на водителот од Сител. Латас сигурно се кае што воопшто и го поканил Спасов во емисијата. Го искомплексира.
5. Завчера тргна автобусот на ВМРО-ДПМНЕ и ДА. Како на ученичка екскурзија “Запознај си ја татковината за да си ја сакаш повеќе”. Во автобусот на првите две седишта седнале Љубчо и Циле. Ама, некако не ги собира. Циле го потиснал Љубчота до прозорецот. Ако прават заедничка влада, тоа може да биде дополнителен проблем. Ќе треба да се стави трето столче за да ги собере и двајцата.
На Циле не треба да му се верува. Одат со слоганот за промени, а тој никако да си ги смени елекот и панталоните. Плус, не за џабе смисли карванот да тргне од пред скопската кафеана “Идадија”. Морал да јаде ќебапчиња за да има сили за патот. Екскурзијата е комплетна. Доста Димовска ќе му прави сендвичи на Циле, Есма Реџепова ќе пее, Радмила Кипријанова ќе држи настава во природа, а Владо Камбовски ќе го подучува Љубчо дека како сериозен лидер мора да знае да чита и закони, а не само “Нова Македонија”.
Само Вања Битољану не се качи во автобусот. Остана пред “Идадија” да чека авион.
6. Мора да се признае дека, сепак, најтешко му е на Бранко. Вети дека ќе ја згази опозицијата како шлепер жаба, ама жапчињата се намножија, а шлеперот им го доверил на луѓе што повеќе сакаат луксузни автомобили. Откако камионџиите му се прославија како злобни тетки што ја озборуваат комшивката, како фабриканти, тешки милиони марки, а со искрени социјалдемократски идеи, како докторки со менингитис кај бебињата и како стоматолози кои им гледаат в заби на магариња, додека им истураат виски за сопствената роденденска забава, не му остана ништо друго туку да ги засука ракавите како на ТВ-спотот и сам да го земе воланот в раце.
Сега му е потешко, бидејќи и жапчињата не се толку наивни да крекаат по патот, туку се качија во автобус. Шлеперот е потежок од автобусот, ама, сепак, има шанси да го престигне на свијоците и на угорнините. А низ Македонија, барем планински патишта колку сакаш. И опасни места за престигнување. Особено кога приколката од камионот занесува.