ПО ФИНАНСИСКАТА АГОНИЈА СИ ОДИМЕ ОД ОБЈЕКОТ НА КИНОТО „КУЛТУРА“, НО ИДЕЈАТА ОСТАНУВА, ВЕЛИ ТИМОТ НА КИНО КУЛТУРА

    ПО ФИНАНСИСКАТА АГОНИЈА СИ ОДИМЕ ОД ОБЈЕКОТ НА КИНОТО „КУЛТУРА“, НО ИДЕЈАТА ОСТАНУВА, ВЕЛИ ТИМОТ НА КИНО КУЛТУРАРежисерот и професор Слободан Унковски е идеен творец на Театарот на Навигаторот Цветко. (Фото: Архива на Кино Култура од 2018)

    По пет години, Кино Култура се отсели од просторот на некогашното кино „Култура“ во центарот на Скопје. Проектот Кино Култура во декември 2015 го стартуваа две организации Театар Навигатор Цветко и Локомотива, и беше место за театарски претстави, танц, перформанс.

    Во писмото до медиумите потпишано од реномираните македонски режисери Слободан Унковски, Александар Поповски, Иван Поповски, Зоја Бузалковска, драматургот и професор Русомир Богдановски, како и авторите од независната сцена како Биљана Тануровска- Ќулавковски, Мирко Попов, Оливера Ќорвезироска и голем број актери и танчари, тие пишуваат за идејните почетоци и за причините за отселувањето.

    „Го замисливме како простор кој на некој начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица, еден простор во кој во 1990-те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови, и други активности – заедно со другите организации и поединци. За нас Кино Култура никогаш не беше зграда, беше идеја, желба да се продуцира нов театар, перформанс, танц, и други, нови содржини на сцената. Почнавме во време кога немаше место каде да се видиме, соединиме, разговараме и организираме, да се спротиставиме на едни репресивни политики, и да продуцираме содржини и знаење“, велат уметниците.

    Направени се повеќе од 30 продукции, со повеќе од 500 меѓународни уметници, а се одржале и над 1.000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини, но, велат тие, најмалку се важни бројките, туку се работи за идејата за заедничко работење, за инклузија, за развој.

    „Ја завршивме оваа приказна за овој простор, после долга финансиска агонија, недоволна политичка волја за поддршка, но и покрај тоа, сакаме идејата да продолжи и понатаму… Си одиме од просторот, но идејата за Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка, каде ќе се продуцира и гледа еден поинаков театар, танц, уметност воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму. Да не беше Ковидот, ќе направевме голема забава за затворање, која ќе значеше и отворање на нови видици и чекори напред. Жал ни е што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската а особено скопската- оф култура, не ја добивме неопходната поширока поддршка од државата, од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат да живеат“, велат уметниците.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира