ИЗЛОЖБА НА ИСТАКНАТИ БИТОЛЧАНКИ, ЗА КОИ ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЖЕНИ БАРА ДА ДОБИЈАТ ИМИЊА НА УЛИЦИ

    ИЗЛОЖБА НА ИСТАКНАТИ БИТОЛЧАНКИ, ЗА КОИ ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЖЕНИ БАРА ДА ДОБИЈАТ ИМИЊА НА УЛИЦИИзложбата го истакнува придонесот што овие истакнати жени го дале за Битола (Фото: СДК.МК)

    Првата трактористка во Македонија била битолчанката Милица Павловска, чиј татко Ристе Најденов ја започнал ерата на автомобилизмот во Македонија, купувајќи „Т-модел“ на „Форд“ на почетокот на 20. век. Таа го положила тракторскиот курс во 1945 година, а откако со национализацијата им бил одземен имотот, станала шофер на автобус, прва жена со таква дозвола за Битола и Ресен.

    Павловска е една од дваесетте битолчанки кои Организацијата на жени од Битола ги вклучи во изложбата „Битолчанки низ фотографии“, по повод претстојниот Ден на жената. Изложбата го истакнува придонесот што за градот го дале овие истакнати жени борци, создавачи, истражувачи, професори, лекари, некои и први во нивните професии, а денес не се меѓу нас. Изложбата е отворена во фоајето на Центарот за култура.

    Од Организацијата на жени сметаат дека по овие битолчанки треба да се именуваат и улици во градот.

    „Од 20-те кои ги издвоивме, по ниедна не е именувана улица во градот, а само три проценти од улиците во Битола се со женски имиња“, рече претседателката Светлана Петковска.

    Донка Петровска е пејачка на народни песни, која настапувала во живо на Радио Битола (Фото: СДК.МК)

    Во плејадата ликови чии фотографии и биографии се најдоа на изложбата е и Донка Петровска, пејачка на народни песни, која настапувала во живо на Радио Битола. Тука се и битолчанката избрана за мис во 1915 година и Станислава Караиванова (1857- 1926), првата учителка во Битола, која заедно со мајка ѝ учествувала во везењето на знамето на четата на Димитар Беровски, организаторот на Разловечкото востание.

    Првата фармацевтка во земјава е Рајна Алексова (1882-1959), која дипломирала на Фармацевтскиот факултет во Лозана, Швајцарија, а работела во фамилијарната аптека на Широк Сокак.

    Захарија Шумљанска била добротворка која по Илинденското востание отворила народна кујна, каде што давала бесплатни оброци за сираците и сиромашните деца од градот, а потоа формирала дом за сираци. Иако не е битолчанка, меѓу нив е сместена и британската мисионерка Кетрин Харлеј, која отворила дом за сираци. Работел до 1916, кога таа загинала во бомбардирање на Битола.

    Изложбата потсетува во градот уште пред повеќе од 100 години се одржувале избори за мис (Фото: СДК.МК)

    Сестрите Севасти и Параскеви Киријази учествувале во унифицирањето на албанското писмо.

    Од периодот на НОБ се издвоени две личности. Љубица Додовска на 19 години станала соработничка на Тошо Даскало и прва извезла петокрака на својот фустан во тоа време. Коца Василева на 17 години активно се вклучила во НОБ и како пратеник на Сојузното собрание на СФРЈ била одговорна за пречекот на Тито во Битола. По нејзина заложба се изградиле повоени граднки во градот и руралните средини.

    Дел од изложбата се и Вера Нича-Пренда, една од првите педијатарки во Битола, пејачката Сашка Петковска, актерката Мери Бошкова, Олга Наумовска, првенка на Народниот театар во Битола и Зина Креља, прочуена оперска певица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира