ИЗЛОЖБА НА НОСИИ И РАКОТВОРБИ НА ХРВАТСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО ШТИП

    ИЗЛОЖБА НА НОСИИ И РАКОТВОРБИ НА ХРВАТСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО ШТИПНад 200 везови, народни носии, вредни орнаменти и стари предмети изложени во библиотеката „Гоце Делчев“ во организација на Заедницата на Хрватите „Либертас“. (Фото: СДК.МК)

    Изложбата „Ковчег на љубовта“(Шкриња љубави) се отвори во организација на Заедницата на Хрватите „Либертас“ во Штип, како презентација на дел од големото културно наследство на Хрватите кои во минатиот век ја напуштиле Хрватска и се населиле во Штип. Изложени се над 200 ракотворби, стара облека и разни народни носии, везови од повеќе региони во Хрватска, разни орнаменти и стари предмети што штипските Хрвати кога ја напуштале родната земја успеале да понесат со себе.

    Меѓу изложените експонати е ковчегот на љубовта, како асоцијација на вредното културно богатство што Хрватите во минатиот век го понеле со себе. Љубовните ковчези во кои се ставало најважното семејно наследство биле инспирација за прочуениот хрватски кантавтор Оливер Драгоевиќ во 2013 да ја испее истоимената песна.

    „Хрватската заедница во Штип брои 174 членови. Со оглед на тоа што сме пред Осми март, оваа изложба ја посветуваме на жените во градот во кој сега живееме и градиме соживот. Ги претставуваме нашите хрватски традиции и обичаи со желба како што ние сме ги негувале традициите на родителите кои се населиле во Македонија, така и нашите деца да ги продолжат во наредниот период“, вели претседателката на „Либертас“ Долорес Кашуба-Петров, која е родена во Штип и важи за еден од најголемите крводарители и хуманитарци меѓу штипјани и пошироко.

    На синоќашното отворање на изложбата присуствуваше и амбасадорката на Хрватска во Македонија Нивес Тигањ, која искажа големо задоволство за ангажманот на Заедницата на Хрватите, за големиот труд што го вложиле да се реализира еден ваков голем проект и изрази уверување дека соработката на културен план меѓу двете држави уште повеќе ќе се продлабочува.

    Изложбата е во универзитетската библиотека „Гоце Делчев“, ќе трае до 12 март и може да се посети со утврдените ковид протоколи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира