СЀ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ТРЕНИРААТ БОРЕЧКИ ВЕШТИНИ ЗА ДА ЗНААТ ДА СЕ СНАЈДАТ ВО ОПАСНИ СИТУАЦИИ, ВЕЛИ КИКБОКС ШАМПИОНКАТА СТЕФАНИ ТОДОРОВА

    СЀ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ТРЕНИРААТ БОРЕЧКИ ВЕШТИНИ ЗА ДА ЗНААТ ДА СЕ СНАЈДАТ ВО ОПАСНИ СИТУАЦИИ, ВЕЛИ КИКБОКС ШАМПИОНКАТА СТЕФАНИ ТОДОРОВА„Со самите тренинзи стануваш буден и свесен за околината и знаеш како да изреагираш доколку се најдеш во опасна ситуација”, вели Тодорова. (Фото: КБК Работнички Адора)

    Времињата се сменија, боречките вештини веќе не претставуваат само машки спорт. Жените повеќе од кога било се подготвени да докажат дека се силни, брзи и подеднакво моќни како и мажите.

    Бројот на женските борци во кикбокс клубот „Работнички Адора“ за само две години се има зголемено за десет пати. Од формирањето на клубот пред две години од само 6 девојки, денес тренираат над 60 девојки.

    „Во КБК ‘Работнички Адора’ не постои поделба. Промовираме родова еднаквост. Спортот е спорт”, вели Димитар Ѓорѓиев, тренер и косопственик на „Работнички Адора“.

    Но, за тоа зошто сè повеќе жени се заинтересирани за боречките вештини поразговаравме со непоразената шампионка во Македонија во лоу кик и кик лајт во категорија сениори, Стефани Тодорова и со ѕвездата во најава, Бубе Андреска.

    „Живееме во опасно време. Сведоци сме на зголеменото насилство врз жените. Повеќето од нив почнуваат да тренираат некоја боречка вештина само за да знаат да се снајдат во една таква ситуација. Со самите тренинзи стануваш буден и свесен за околината и знаеш како да изреагираш доколку се најдеш во опасна ситуација”, вели Стефани Тодорова.

    Од формирањето на кикбокс клубот „Работнички Адора“ пред две години од само 6 девојки, денес тренираат над 60 девојки. (Фото: КБК Работнички Адора)

    За Андреска, пак, мотивацијата за боречки вештини е поголема кај жените кои што се соочуваат со некакви закани или пак имаат претрпено некаква форма на психичко или физичко насилство.

    Според Тодорова, боречките вештини се мултидисциплинарни и претставуваат многу повеќе од спорт. Комбинираат сила, брзина, агилност, моќ и прецизност, но пред сè учат на почит, контрола и фокус. Со самиот тренинг доаѓа до интегрирање на умот, телото и духот.

    Дисциплината и концентрацијата која што успеала да ги стекне со напорните тренинзи и помагаат на кикбоксерката и надвор од салата и рингот, како во професионалниот, така и во приватниот живот.

    „Кикбоксот те учи на поинаков ментален склоп, да се чувствуваш смирен, пред потенцијална штета. Технички е како да играш еден ментален шах со противникот“, вели Тодорова.

    Масовноста, учеството и резултатите на жените несомнено ја урнаа табу темата дека кикбоксот е машки спорт.

    К. СЕЛАМОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира