Некогаш, гимназијата „Таки Даскало“ во Битола ги отвораше вратите за 1.700 до 1.800 ученици, а денес за два и пол пати е помал број на средношколци. Тогаш средното образование не беше задолжително, а денес иако со закон се опфатени сите ученици, бројките се рапидно намалени. Поради со години нискиот наталитет, економската криза, иселувањето, ова е седма учебна година по ред како битолските училишта работат со паралелки со намален број ученици. Сите 12 основни училишта во Битола и шесте средни и оваа учебна година побараа дозвола од Советот на Општината да формираат паралелки со помал број од законски предвидениот минимум од 24 ученици. Во спротивно ќе треба да се затвораат паралелки и да се отпушта наставен кадар.
„Ние ги обезбедуваме сите услови и кадровски, материјални, објекти, кабинети и овие деца што се тука имаат право на квалитетно образование. Но, за жал веќе немаме клас со 34 ученици како некогаш. Имаме со 24, со 17. Во македонската средина е ваква ситуацијата, а во албанската е поинаква. Таму наталитетот е поголем. Во Тетово, Куманово нема недостиг на ученици, а кај нас се чувствува и со економската криза, белата чума и со иселувањето. Во битолското село Буково има 50 ергени, по едно дете да имаа, ќе се наполнеше едно училиште“, вели Владо Ѓоргиевски, директор на гимназијата „Таки Даскало“.
Паралелки со 7 до 15 ученици бројат училишта и во строгиот центар на Битола. Основното училиште „Гоце Делчев“ во најстрогиот центар на градот, во осмо одделение има и паралелка со осум ученици, во седмо две со 10, во трето две со 11, во второ со 12 ученици.
„Нема згоемување, но нема ни намалување. Бројот е скоро ист. Лани 51, а сега 50 првачиња. Тука е бројката. Нема осипување“, вели директорката на ОУ„Гоце Делев“ Билјана Стојковска.
Во ОУ „Ѓорги Сугарев“, кое исто така е во поширокото централно подрачје, каде има и поголем број ромски ученици, функционираат паралелки со по 7, 9, 11 ученици во повисоките одделенија. Промена на подобро е тоа што во прво и во второ одделение има паралелки со по 20 и 27 ученици, за разлика од пред пет години кога во прво одделение имаше четири паралелки со по осум-девет ученици. Тоа е резултат на обидите за реонизација на училиштата и кампањите за редовна посететност на наставата од ромските ученици.
Уште полоша е состојбата во руралните средини. Во „Александар Турунџев“ во Кукуречани има паралелка со пет ученици, друга со осум , па со десет, а во „Крсте Петков-Мисирков“ во Бистрица и со четири ученици во второ одделение, па со седум во трето, со девет во четврто… Има села каде настава се изведува во комбинирани паралелки со многу мал број ученици. Пример е Логоварди, каде бараа согласност за паралелка со четири ученици, во Драгожани пет, Лисолај осум, во Олевени се двајца, Барашани тројца. А во Кишава, каде се изведува настава на албански јазик, има паралелки и со 17 ученици.
И во средните училишта формирани се паралалки со помалку ученици. Гимназијата „Таки Даскало“ побарала дозвола да фирмира паралелки со помал број ученици за сите години на образование. Мединцинското училиште има паралелки со помал број ученици во прва година за образовните профили забен и фармацевтски техничар, гинеколошко-акушерска сестра, како и паралелки со помал број во останатите три години.
Состојбите беа за нијанса полоши во 2015 и 2017. Но, ситуацијата на подобро оди доста споро. Според Заводот за статистика, во 2019 имаше за 104 повеќе ученици на возраст од 7 до 9 години во споредба со 2014. Тоа покажува дека наталитетот постепено почнува да се покачува. Сепак, во споредба со периодот од пред 20 години кога деца на оваа возраст во Битола имаше 3.125, бројката е намалена за 370. Во однос на средношколци од 15 до 19 години, бројката за две децении се намали за 2.300 млади. И според статистиката на Општина Битола нема голема разлика меѓу бројот на првооделенци и средношколци во последните години. Бројот на првооделенци во 2017 беше 853, прва година средно 972 ученици. Во 2020, 850 првачиња, а прва година средно 917 ученици.
„Општина Битола носи посебни одлуки на Советот, со цел паралелките со помал број ученици да можат да функционираат. Со тоа и на учениците им се овозможува да следат настава, а на наставниците да ги задржат работните места. Помага на деца и родители, најчесто од ранливите категории, во однос на донации и парична помош за соодветна намена. Од страна на Општина Битола, во соработка со бизнис секторот, поделени се над 250 таблет компјутери. Општина Битола и градоначалничката Наташа Петровска, во континуитет ги следат и успесите на учениците. Така, веќе две години, на предлог од страна на училиштата, градоначалничката ги наградува учениците кои постигнале успеси на државни и меѓународни натпревари, како своевиден стимуланс за натамошни успеси“, соопштија од Општина Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА