Бугарската полиција заплени фалсификувани банкноти со висок квалитет, кои биле печатени во печатницата на Универзитет во Софија, соопштија властите, без да го кажат името на универзитетот. Во заедничка акција со американската тајна служба, бугарската полиција приведе две лица и ги заплени машината и опремата за печатење пари, заедно со голема сума банкноти на американски долари и евра.
„Вредноста на запленетите пари е огромна. Материјалните докази укажуваат на сериозен криминал“, изјави шефот на Софиската полиција Георги Хаџиев.
Според, обвинителството, вредноста на запленетата сума е 4 милиони долари и 3.6 милиони евра.
Полицијата верува дека двајцата осомничени се дел од поголема криминална организација, кои се занимаваат со трговија со фалсификувани долари за Украина и за евра за Западна Европа.