ШТИПСКИТЕ ПРИГРАДСКИ НАСЕЛБИ МАКЕДОНКА, БАЛКАНСКА И ЧАРДАКЛИЈА ПО 70 ГОДИНИ ПРИКЛУЧЕНИ НА ГРАДСКИОТ ВОДОВОД

    ШТИПСКИТЕ ПРИГРАДСКИ НАСЕЛБИ МАКЕДОНКА, БАЛКАНСКА И ЧАРДАКЛИЈА ПО 70 ГОДИНИ ПРИКЛУЧЕНИ НА ГРАДСКИОТ ВОДОВОДПриградската населба Чардаклија од вчера е приклучена на градскиот водовод, претходно и Балканска, а до крајот на годината и Македонка со вкуп 1.500 жители. (Фото: СДК.МК)

    Седумдесет години, колку што постојат трите приградски населби Македонка, Балканска и Чардаклија во Штип формирани по Втората светска војна кога се претежно заради згрижување на протераните од Егејска Македонија во Грција, до вчера користеа техничка вода за пиење која постојано е со талог и разни нечистотии.

    „Јас откако памтам за себе, во нашата населба се употребува техничка вода од стариот водоводот на поранешната Памучна индустрија ‘Македонка’. Со години, водата ја превриваме или во последно време ја купуваме во шишиња, што значи дека имаме најскапа вода“, вели познатиот штипски мајстор Драги Наунов од населбата Македонка или Насеље, како што штипјани ја викаат населбата.

    Неговите соседи додаваат дека многу семејства кои не се во можност да купуваат вода од продавниците почнаа да ја употребуваат техничката вода без да ја превриваат оти и за тоа има трошок за струја, а тоа не можат да го платат. Принудени се во себе да таложат разни токсични метали, ама не се во можност да го покријат трошокот.

    „Плаќаме најскапа вода во државата. Еден кубик од техничката вода што ја добиваме од стариот водовод на фабриката ‘Македонка’ нас нè чини 40 денари. На тоа ЈП ‘Исар’ од Штип наплаќа 12 денари за услуги заради канализационата мрежа што ја инсталирала пред неколку години ,и нас сиве овие услуги не чинат 52 денари од потрошен кубик и користење на канализација“, вели помладиот жител на оваа населба Зоран Анчев.

    Од Општината Штип велат дека во тек се неколку проекти за овие приградски населби. Вчера се пуштени славините во населбата Чардаклија, која веќе е приклучена на градскиот водовод. Стотина жители од оваа населба веќе ќе имаат здрава и чиста вода за пиење. Претходно, тоа се случи и со приградската населба Балканска со речиси 1.000 жители, кои исто така добија вода од градскиот водовод на Штип и нова канализациона мрежа.

    Директорот на „Исар“ Живко Тасев, вели дека со овие нови инвестиции кои чинат околу 400.000 евра се создаваат услови кон градскиот водовод да се приклучат и голем број стопански објекти кои се наоѓаат кај овие три приградски населби во предградието на Штип.

    „Со одлука на Владата, преку Министерството за транспорт и врски обезбедени се 6.713.000 денари или околу 109 илјади евра за изградба на Крак 2 до населбата Македонка во должина од 760 метри и деновиве ќе биде распишан тендер“, вели градоначалникот на Штип Сашко Николов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира