СЕКОЈ ЧЕТВРТИ ТЕНДЕР Е ПОНИШТЕН, НА СЕКОЈ ТРЕТ ИМА ЕДНА ИЛИ НИЕДНА ПОНУДА

    СЕКОЈ ЧЕТВРТИ ТЕНДЕР Е ПОНИШТЕН, НА СЕКОЈ ТРЕТ ИМА ЕДНА ИЛИ НИЕДНА ПОНУДАЕден од проблемите со јавните набавките во земјава е непрецизната проценка на вредноста на набавките, за што речиси да не постои институција која има развиено сериозна процедура. (Фото: СДК.МК)

    Секој четврти тендер е поништен, а на секој трет е доставенa една или ниту една понуда, покажа Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2020 година, објавен денеска од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

    „Иако во мониторираниот период процентот на поништени тендери е малку намален во однос на претходниот период и изнесува 25%, сепак тоа е сè уште висок процент кој што значи дека се поништува секој четврти тендер. Поништувањето на тендерите се покажува како најсигурно прибежиште за институциите кога ќе почувствуваат дека набавката нема да излезе како што замислиле, било од чесни или од нечесни намери“, се вели во извештајот.

    Кај 80 % од поништените набавки причина за поништувањето било тоа што понудувачите понудиле цени што биле повисоки од проценетата вредност на набавката, и тоа дури и по електронската аукција на која првично понудените цени дополнително биле намалени, укажува на уште еден поврзан проблем во набавките во земјава, велат од ЦГК, а тоа е непрецизната проценка на вредноста на набавките, за што речиси да не постои институција која има развиено сериозна процедура.

    „Недоволно сериозниот однос кон пресметувањето на проценетата вредност на набавката предизвикува негативни последици во натамошниот тек на набавките и ваквите набавки најчесто завршуваат со поништување. На тој начин се губат време и пари, а кај фирмите ова создава и деловна неизвесност“, велат од ЦГК.

    Понатаму, во мониторираниот период, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15 % повеќе од истиот период претходната година.

    „На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година. ’Најниската цена‘ е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 % од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година. Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот ’најниска цена‘ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства“, се вели во клучните поенти од извештајот.

    Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира