ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА ИЗГРАДБА НА ПРИСТАПНИ РАМПИ ВО И ДО ДОМОВИТЕ НА ИНВАЛИДИЗИРАНИ ЛИЦА

    ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА ИЗГРАДБА НА ПРИСТАПНИ РАМПИ ВО И ДО ДОМОВИТЕ НА ИНВАЛИДИЗИРАНИ ЛИЦАМаксимален бруто износ што ќе може да се искористи е 61.500 денари (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола ќе субвенционира адаптација, изградба или поставување пристапни рампи за инвалидски колички до и во домовите на лицата со попреченост. Средствата ќе можат да се искористат за адаптација на постоечки или за изградба и набавка на нови фиксни или преносни пристапни рампи. Целта е надминување на висински растојанија или други физички пречки и бариери до и во живеалиштата на лицата кои не можат да се движат самостојно.

    Според правилникот за искористување на средствата од програмата за социјална заштита, рампите можат да бидат внатрешни или надворешни, со цврста градба од бетон или од челични елементи. Максимален бруто износ што ќе може да се искористи е 61.500 денари. Сумите што се над овој износ се на товар на барателот.

    Лицата кои ќе побараат субвенции треба да се македонски државјани, жители на Битола, да ја имаат потребната медицинска и урбанистичка документација, да достават согласност од куќниот совет во зградите дека се прифаќа да има доградување или поставување рампа, како и фотографии.

    Во Битола има многу згради без пристапни рампи или само до првиот кат, па инвалидизираните лица мака мачат да излезат на воздух или да се вратат во својот дом. Дел од нив дури ги имаат продадено становите за да се преселат од други катови на прв.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира