ДВА СТАНА СЕ НА МАЈКА МИ, ЗА ДРУГИТЕ ДВА ИМАВ ДОГОВОР ЗА ЗАКУП, ВЕЛИ ГРУЕВСКИ ЗА СТАНОВИТЕ НА БИХАЌКА

    ДВА СТАНА СЕ НА МАЈКА МИ, ЗА ДРУГИТЕ ДВА ИМАВ ДОГОВОР ЗА ЗАКУП, ВЕЛИ ГРУЕВСКИ ЗА СТАНОВИТЕ НА БИХАЌКАСите четири стана, двата на име на мајка му, и двата за кои Груевски тврди дека ги изнајмил, се со последователни броеви. Два од нив се споени, дознаваме од станари, и зафаќале цел агол од зградата на Бихаќка. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер Никола Груевски вели дека ги користел под закуп двата стана во кои денеска истражители од Обвинителството за организиран криминал вршеа претрес, а се наоѓаат на истиот спрат во зградата на Бихаќка, каде што живееше со семејството пред да избега во Унгарија пред две и пол години.

    „Како што на јавноста одамна ѝ е познато, јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев, а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност“, напиша Груевски попладнево на Фејсбук.

    Еден од овие два стана е на име на поранешна негова секретарка Т.С., дознава САКАМДАКАЖАМ.МК . Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска потврди дека поранешната секретарка веќе дала изјава во обвинителството дека конкретниот стан кај што фигурира таа како сопственик, фактички не е нејзин, дека само потпишала оти е.

    Груевски, пак, негира такво нешто.

    „Не постои некаков мој стан на име на моја секретарка како што денес напишаа дел од медиумите“, вели тој.

    Другиот стан во истата зграда, за кој исто така денеска истражители вршеа претрес, е на име на фирма „ИКТ Инженеринг“. Сите четири стана, двата на име на мајка му, на секретарката и на фирмата, се со последователни броеви. Два од нив се споени, дознаваме од станари, и зафаќале цел агол од зградата на Бихаќка.

    Извори од истрагата велат дека денешниот претрес во новооткриените станови на избеганиот Груевски осуден, обвинет и осомничен за повеќе дела за организиран криминал, како и за организирање на крвавиот напад на Собранието на 27 април 2017 година, се повеќе попис за конфискација во иднина. Тежината на кривичните дела за кои се гони, како и финансиската штета што и е сторена на државата, е од огромни размери, па ќе треба да ја обештетува по евентуалните осудителни пресуди против него.

    Овој денешен претрес во двата дополнителни стана на Груевски е во рамки на истрагата за плацевите на Водно купени, според Обвинителството, со пари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои уредно си плаќале членарина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира