СТРУШКА НЕФРОЛОГИЈА СО НАЈСОВРЕМЕНА ОПРЕМА ЗА БРЗО ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ НА ВИРУСНИ ИНФЕКЦИИ, ИМА ПОТРЕБА ОД НОВО АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО И ЦЕНТРАЛЕН ДОВОД НА КИСЛОРОД

    СТРУШКА НЕФРОЛОГИЈА СО НАЈСОВРЕМЕНА ОПРЕМА ЗА БРЗО ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ НА ВИРУСНИ ИНФЕКЦИИ, ИМА ПОТРЕБА ОД НОВО АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО И ЦЕНТРАЛЕН ДОВОД НА КИСЛОРОДПациентите со бубрежни заболувања развиваат тешка клиничка слика и повеќето се на кислородна поддршка. (Фото: СДК.МК)

    Специјализираната болница за Нефрологија во Струга успешно се справува со пациентите со бубрежни заболувања кои заболеле од ковид-19. Во здравствената установа има посебен ковид-центар каде минатава година се лекувале 84 ковид позитивни пациенти. Моментално има само двајца заболени. Последниот оздравен кој замина од ковид-одделението во добра здравствена состојба е битолчанецот кој патуваше во Занзибар.

    „Имаме посебно ковид одделение, изолирано со 15 кревети за ковид позитивни пациенти со 10 апарати за дијализа тоа се фактички 20 пациенти на дијализа во еден ден. Најмногу во ист момент сме имале околу 15 пациенти сега сме подобри, но не смееме да се опуштаме знаејќи ја мутацијата на вирусот. Целиот медицински персонал мора да биде во постојана кондиција“, вели д-р Александар Попоски, супспецијалист нефролог и директор на Специјализираната болница за нефрологија Струга.

    Пациентите со бубрежни заболувања развиваат тешка клиничка слика и повеќето се на кислородна поддршка. Процентот на смртност кај овој тип на хронично заболување е 20 проценти. Дури 16 пациенти минатата година не успеале да ја победат короната.
    Болницата опслужува до 200 000 пациенти од целиот регион, редовно 110 лица се на хемодијализа приклучени на најсовремени апарати. Во болницата месечно се прават и до 500 прегледи.

    „И во пандемија, рентгенот ни е доста оптеретен, значи рентгенографија на бели дробови тоа постојано, секојдневно доаѓаат голем број пациенти. Лабораториски ги имаме сите можности за дијагностика на ковид-19, покрај брисот кој се прави задолжително. Ниеден пациент што имал потреба за лекување во оваа болница не е вратен“, додава Попоски.

    Болницата е опремена и со нов дигитален рентген апарат и апарат за молекуларна дијагностика за брзо дијагностицирање на вирусни и бактериски заболувања.

    „За само еден час ќе може да утврдиме за која бактерија или вирусна инфекција станува збор. Тоа е еден од ретките апарати во земјава и дијагностички ќе бидеме доста попрецизни, побрзи и многу подобри“, вели Попоски и додава дека струшка Нефрологија има потреба единствено од ново амбулантно возило и централно снабдување со кислород.

    Според Попоски потребно е и забрзување на процесот на трансплантација. Болницата ги имала сите технички и кадровски услови за тоа.

    „Имаме две операциони сали, одделение за урологија, крвни пристапи. Имаме колеги со големо искуство и треба да се насочиме кон дополнителна едукација. Се надеваме дека ќе започнеме со бубрежни биопсии, тоа ќе го направиме годинава, анализите ќе ги праќаме во Институт за патологија Скопје и комплетно ќе ја имаме дијагностиката“, вели Попоски.

    Во рамките на болницата има и холидеј дијализа, апартмани на брегот на Охридското езеро каде во лето се лекуваат повратниците од странство. Во Специјализираната болница за нефрологија која постои 42 години, првиот апарат за дијализа од 1978, со плочести дијализери, се чува во Музејот на болницата како сувенир.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира