МЕРКО ИМ ВЕТИ СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ НА РОМИТЕ КОИ ЖИВЕАТ СРЕДЕ КУПИШТА ОТПАД НА ВЛЕЗОТ ОД СТРУГА

    МЕРКО ИМ ВЕТИ СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ НА РОМИТЕ КОИ ЖИВЕАТ СРЕДЕ КУПИШТА ОТПАД НА ВЛЕЗОТ ОД СТРУГАОпштината испратила извештај до Владата која дала ветување дека за брзо време ќе започне постапка за градба на социјалните станови. (Фото: СДК.МК)

    Ромските семејства од струшката населба „Весела долина“ ,на самиот влез од Струга, кои со години живеат во импровизирани куќи, калливи улици, услови под сите стандарди, ќе добијат социјални станови. По сторијата на САКАМДАКАЖАМ.МК во која жителите јавно проговорија за очајните услови во кои со години живеат, со живеалишта направени од плехови налик на колиби колку да не спијат под ведро небо, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко најави изградба на социјални станови.

    Мерко вели дека со Деталниот урбанистички план предвидено е изградба на две згради во кој би се сместиле 30-те семејства кои моментално живеат опколени со купишта отпад.

    „Делот каде е населена ромската популација има потреба од уредување на просторот за да тие граѓани на Струга не живеат во вакви мизерни услови. По барање на тие семејства кои живеат во времени диви објекти кои немаат никакви услови донесовме Детален план каде е предвидено две маркици од 50 до 60 станови можеби и повеќе, а веќе имаме барање од 40 семејства. Можеме сите тие семејства кои живеат во времени диви објекти во тој дел да ги сместиме во соодветни услови, во социјални станови“, вели Мерко.

    Општината испратила извештај до Владата која дала ветување дека за брзо време ќе започне постапка за градба на социјалните станови.

    Жителите гневни на долгогодишните ветувања на властите дека ќе им го решат проблемот велат дека ги посетувале само за избори, но ветувањата дека ќе добијат социјални станови досега ниту една власт не ги исполнила. Велат „останавме со години заглавени во фекалии, кал и сиромаштија, редно е некој да си го исполни ветеното“.

    „Загадена е околинава нема никакви услови за живот. Излажани сме од секого, кој и да дојде од власта ни ветуваат дека ќе ни направат социјални станови, дека ќе нè сместат. Само лажат, само дојди гласај и пријатно. Ова место овде, во туристички град е срам за државата. Туристи застануваат да видат што е ова место, сликаат, не веруваат дека тука живеат луѓе. Во Дебар ќе има социјална зграда, а не е туристичко место. Како може таму да има згради, а во Струга не? Јас имам 45-години и ништо од ветувањата, само нè лажат“, изјави неодамна за САКАМДАКАЖАМ.МК, Шериф Шира жител на „Веселата долина“.

    Неодамна се спроведе и петиција за обезбедување на соодветно социјално домување и елементарни услови, потпишано од лицата кои живеат крај „Црн Дрим“, преку Европскиот Центар за Правата на Ромите, во Брисел.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира