Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека не знае кога ќе бидат усвоени измените на Законот за попис за негово одложување, а кажа и дека ги вратил предложените измени во Владата, која е предлагач, поради формални грешки.
„Од формален аспект ги вратив до предлагачите. Се надевам дека во текот на денот ќе ги вратат со исправки и дополни со кои треба да бидат уредени предлозите и соодветно да се пуштат во соодветна парламентарна процедура“, кажа Џафери на прес-конференција во Собранието.
Џафери додаде дека носењето на законите зависи од предвидените процедури и ако не се почитуваат, законите можат да бидат оспорени пред Уставниот суд. Затоа, вели тој, не може да каже кога ќе биде закажана седницата за одложување на пописот, кој што треба да стартува утре (1 април)
Претходно денеска во Собранието имаше средба на премиерот Зоран Заев со претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива за Законот за државјанство. Албанската опозиција ги блокираше предложените закони со илјадници амандмани, бидејќи мнозинството не го прифаќа нивниот предлог за добивање македонско државјанство со тројца сведоци.
По средбата, Заев кажа дека има „разбирачка“ со Алијанса и Алтернатива, додека двете опозициски партии велат дека се на добар пат да се најде решение за Законот за државјанство.