Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов вели дека е шизофренија американски чиновници да ја тераат Бугарија да признае дека има македонско малцинство, коментирајќи ги забелешките на Стејт Департментот во годинашниот извештај за човековите права.
Во интервју за пик.тв, лидерот на ВМРО-БНД кажа дека македонско малцинство во Бугарија постои само во извештаите на соросоидните организации и во невладините организации кои земаат пари за да плукаат по Бугарија.
„Гледаат на Бугарија како на Занзибар, не ги знаат проблемите и пишуваат онака. Да ги прашам тие непрокопсани во Стејт Департментот на САД какво е тоа македонско малцинство. Тие гледаaт некакви извештаи на соросоидни организации и на НВО кои живеат од грантови и се финансираат за да плукаат по Бугарија. Шизофренијата на американскиот чиновник да ја тера Бугарија да признае такво нешто е неприфатлива“, вели Каракачанов.
Во извештајот на Стејт департментот, објавен вчера, се наведува дека бугарските власти и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права, одбиваат да ги регистрираат здруженијата на Македонците.