Маршот по повод 11 октомври, Денот на антифашистичкото востание на Македонија, кој е еден од најмасовните досега, пристигна пред Собранието. Под мотото „Борбата продолжува, гласот победува”, граѓаните на маршот скандираа „Слобода, слобода” и упатија свирежи кон Министерството за правда и канцеларијата на претседателот.
Маршот е организиран од опозицијата и од неколку познати граѓански активисти. Во првиот ред, покрај лидерот на СДСМ Зоран Заев, беше и Зоран Верушевски.
Со денешниот марш, како што претходно соопштија организаторите, сакаат да испратат слободарска порака.
„Ќе маршираме за борба против сиромаштијата, за повисоки плати, за работни места, за млади кои сакаат да останат да живеат во родната земја. Да застанеме рамо до рамо сите заедно, еднакво важни, независно од каква било различност“, велат организаторите.
Маршот тргна од пред просториите на Специјалното јавно обвинителство на крстосницата на улиците Рузвелтова и Партизанска во 14 часот и продолжи по булеварот Партизански одреди до зградата „Тифани“, а по улицата Димитрие Чупоски стигна до Собранието.
Пред парламентот има поставено бина и на граѓаните ќе им се обратат четворица говорници.