Органичени се евентуални интервенции врз старото занаетчиско училиште во Битола наречено Ислахане бидејќи објектот е валоризиран и треба да се зачува во изворна состојба. Вака одговорија надлежните од Завод и музеј Битола на прашањето на редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали објектот е под заштита откако деновиве на него беше поставен транспарент дека се продава.
„Тоа значи дека може да бидат одобрени интервенции кои се однесуваат на тековно одржување на објектот, зачувување на автентичниот изглед на фасадата, со можност за адаптација на ентериерот, конзервација, реставрација и санација на истиот. Воедно, прашањето на сопственост на објектот не влијае врз режимот на заштита, бидејќи таа се однесува и на објекти кои се во приватна сопственост и на оние кои се од јавен интерес и/или се во сопственост на државата“, стои во писменото соопштение на Завод и музеј.
Транспарент со натпис „објектот се продава“ беше поставен деновиве на пространата градба на некогашното турско ислахане, кое денес се нарекува стар Прогрес, зашто во СФРЈ таму беше сместена фабриката за чоколада и кекси.
Сопствениците ја објавиле продажбата на интернет страниците со огласи, при што се наведува дека „се продава објектот на стар Прогрес, а има можност за продажба на делови приземје 1.523 квадратни метри, прв спрат 1.330 квадратни метри и подрум 559 квадратни метри“.
„Овој објект е единствен од свој вид кој е зачуван во Македонија. Скопското ислахане денес не постои, па битолското е еден редок бисер што државата треба да го стави под заштита и да го прогласи за културно наследство од особено значење“, рече историчарот Васко Гичевски.
Ислахането старо над 120 години е едно од повпечатливите градби од турско време во Битола. За жал, денес е во руинирана состојба. Стара и неодржувана фасада, столбови и тераса во распаѓање, искршени прозорци, ништо не е обновено со децении.
Ж. ЗДРАВКОВСКА