22-годишниот Сириец осомничен за планирање исламистички бомбашки напад се обеси врзувајќи ја својата маица за решетката во затворската ќелија, соопштија германските власти.
Ролф Јакоб, шефот на затворот каде беше држен осомничениот бомбаш Џабер Албакр, им кажа на новинарите во Дрезден дека затворски чувар приправник го проверил затвореникот во 7.30 часот навечер и кога се вратил за следната проверка во 7:45 часот го нашол Албакр мртов.
Саксонскиот регионален министер за правда, Себастијан Гемков, соопшти дека Албакр бил прогласен за мртов половина час подоцна. Јакоб ги потврди извештаите дека Албакр искршил сијалица во ќелијата во вторникот, но „тоа не било сфатено како обид за убиство“, Потоа му била исклучена струјата во ќелијата, додаде Јакоб.
Тој вели дека властите забележале дека кај Албакр има ризик од самоубиство, кога бил примен во затворот, но сметале дека ризикот не бил акутен.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие кажа дека смртта на Албакр ќе ја направи истрагата околу тоа дали имал соучесници во осуетениот бомбашки напад многу потешка.
Албакр беше уапсен во Лајпциг во понеделникот откако тројца негови сонародници го врзаа и го пријавија во полиција. Претходно во саботата, полицијата евакуираше дел од Кемниц при претрагата на неговиот стан. Тој доби азил во Германија откако пристигна таму минатата година и беше под надзор на германските разузнавачки служби од минатиот месец.