На почетокот на вечерашното продолжение на 32. седница, опозициските пратеници си заминаа од салата, а координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кажа дека ќе се вратат ако претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекине 32. седница и ја почне 36. седница, на која на дневен ред се предложените закони за петтиот пакет економски мерки.
По нивното заминување, Џафери почна да чита кои пратеници се потпишале дека се присутни. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ набрзо потоа влегоа во салата, но откако Џафери утврди дека има кворум за работа, тие пак ја напуштија салата.
„Проблемот е во тие 101 пратеник кои се потпишале дека се овде, а не присуствуваат. Должни се да бидат присутни кога се одлучува, а нивно право е како ќе се изјаснат или дали ќе се изјаснат. Ќе бараат патни трошкови утре, а граѓаните треба да ценат дали се дојдени за на седница или само за патни трошкови“, кажа Џафери.
Координаторот на СДСМ Јован Митрески потоа кажа дека тројца пратеници од мнозинството се позитивни на коронавирус и им се извини на граѓаните што не можат да ги донесат законите од петтиот пакет економски мерки.