НАСА објави дека малиот хеликоптер „Инџинуити“ успешно летнал над површината на Марс, што е прв контролиран лет на едно летало на друга планета. Хеликоптерот од само 1,8 килограми беше донесен на Марс од роверот „Персеверанс“, кој слета во кратерот Језеро на 18 февруари.
„‘Персеверанс нѐ донесе на Марс. Со ‘Инџинуити‘ се издигнавме повисоко. Денеска испишавме историја со првото летало кое оствари контролиран лет на друга планета. Ова е нашиот браќа Рајт момент на Марс“, се пофали НАСА на Твитер.
„Инџинуити“ остана во воздух помалку од една минута, но тоа предизвика огромно воодушевување во седиштето на НАСА, оддалечено 276 милиони километри од местото на настанот. НАСА кажа дека во наредните недели ќе бидат изведени уште летови, кои ќе траат подолго.