Две лица од Агенцијата за вработување во ноември лани им дале работни дозволи на 87 диви работници од странство, без да го имаат регулирано престојот во Македонија.
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднела кривична пријава против Н.М.(48) од Скопје и В.З.(60) од Скопје, двајцата вработени во Агенција за вработување, поради постоење сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353-а став 1 од Кривичниот законик.
- ПРИВЕДЕНИ 50 ЅИДАРИ, РАБОТЕЛЕ ИЛЕГАЛНО НА ГРАДИЛИШТЕТО НА ТУРСКАТА КОМПАНИЈА „ЛИМАК“ ЗАД РАМСТОР
- НЕ 50, ТУКУ 97 ИЛЕГАЛНИ ЅИДАРИ ОТКРИЛА И ПРИВЕЛА ПОЛИЦИЈАТА НА ГРАДИЛИШТЕТО НА „ЛИМАК“, ВО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ БИДАТ ПРИЈАВЕНИ И 15 ПОДИЗВЕДУВАЧИ
- ОД 97-ТЕ ИЛЕГАЛНИ ЅИДАРИ ПРИВЕДЕНИ НА ГРАДИЛИШТЕТО НА „ЛИМАК“, 94 БИЛЕ ОД ТУРЦИЈА, ТРОЈЦА ОД АЛБАНИЈА, СУДОТ ПОЧНА ДА ГИ ПРОТЕРУВА
Пријавените, во периодот од 20.11.2020 до 22.01.2021, спротивно на член 13 став 1 точка 1,2,3,и 4 од Законот за вработување и работа на странци, изготвиле и издале 14 обрасци за пријава на работа на странци на територијата на Република Северна Македонија на фирмата „Лимак“ од Турција, која гради кај трговскиот центар Рамстор во центарот на Скопје.
Со својата незаконска постапка, двајцата пријавени всушност легализирале нелегален престој и работа на вкупно 87 лица странски државјани, без да добијат дозвола за легален привремен престој заради работа на странец и без да засноваат легален работен однос според законската регулатива согласно Законот за работните односи.
„На тој начин му овозможиле на правното лице да избегне плаќање на давачки кон државата по основ на персонален данок на доход и плаќање на давачки за придонеси по основ на задолжително социјално осигурување во износ од 593.056 денари, за која сума правното лице прибавило противправна имотна корист и воедно за истиот износ пријавените предизвикале штета на буџетите на Фондовите на Република Северна Македонија“, соопшти МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА