На угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 отсто од приходите и дополнително ќе добијат финансиска помош од 15.200 денари за секое вработено лице, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на презентацијата на шестиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и фирмите. За овој сектор ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра, со кои се очекува да бидат опфатени 6 илјади угостителски објекти со околу 17 илјади вработени.
Угостителските објекти се затворени од 6 април, поради влошување на епидемиолошката состојба со ковид-19.
Битиќи рече дека со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата. И на оваа категорија, во која спаѓаат околу 1.200 компании, ќе им бидат покриени околу 30 отсто од приходите и дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен.
За туристичките агенции во овој пакет се одвоени 1,4 милиони евра. Агенциите со А лиценца ќе добијат најмногу до 5 илјади евра, а туристичките агенции со Б лиценца до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат туристичките водичи и музичарите кои во 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15 илјади денари. Планирани се и бесплатни 50 илјади ПЦР тестови за странските туристи кои ќе престојуваат во земјава.
Шестиот пакет мерки вреди вкупно 17,8 милиони евра, и со него ќе бидат опфатени околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.
Петтиот пакет економски мерки беше усвоен од Собранието во неделата.