Тромбоза може да се смета за многу редок несакан ефект на ковид вакцината на „Џонсон и Џонсон“, објави Европската агенција за лекови (ЕМА). Таа кажа дека е утврдена можна врска помеѓу оваа вакцина и згрутчување на крвта, но потенцира дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците.
Меѓу повеќе од седум милиони Американци кои ја примиле оваа вакцина, од која се дава само една доза, забележани се осум случаи на тромбоза, од кои едно лице починало. Минатата недела, САД, ЕУ и Јужна Африка ја суспендираа вакцината на „Џонсон и Џонсон“ по извештаите дека предизвикала неколку случаи на тромбоза.
„Тромбоза може да се смета за многу редок несакан ефект на вакцината. Овие случаи во САД се појавиле кај луѓе под 60 години, од кои мнозинството биле жени. Пријавената комбинација на згрутчување на крвта и ниско ниво на тромбоцити е многу ретка и ризиците поврзани со вирусот и натаму се многу поголеми од оние од вакцината“, соопшти ЕМА.
Во почетокот на овој месец, ЕМА ја даде истата препорака и за вакцината развиена од Оксфорд и „АстраЗенека“. Тоа уследи откако тромбоза се појавила кај 86 меѓу 25 милиони Европејци кои ја примиле оваа вакцина.