Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт против Вера Иванова, сопственичка на компанијата „Диамед“, за кривичните дела Злоупотреба на службената должност и Перење пари, во врска со добивањето лиценца за извршување дијализа.
Според обвинението, Иванова имала за цел да добие лиценца од 20 години и со тоа монополска положба на пазарот и зголемување на вредноста на уделот во правното лице, а не да ја извршува здравствената дејност за која ја добила лиценцата.
„Обвинетата В.И., како одговорно лице – управител на ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година со намера за себе да прибави противправна имотна корист, искористила прилика како трговско друштво да учествува во постапка организирана од Министерството за здравство за добивање на лиценца за извршување здравствена услуга – дијализа. Целта на обвинетата не било да извршува здравствена дејност – дијализа, туку со здобивање на лиценца од 20 години, а со тоа и монополска положба на пазарот на овој вид здравствени услуги, да обезбеди повеќекратно зголемување на вредноста на уделот во правното лице“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Откако ја основала приватна здравствена установа „Диамед“ каде основач е ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, на 14.02.2014 година со Министерството за здравство склучила Договор за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежа – дијализа, обезбедувајќи пазар на јавна услуга за дијализа во траење од 20 години со загарантирано навремено плаќање на извршените услуги. Од Обвинителството велат дека оваа околност на обвинетата и овозможила да постигне значително повисока цена за уделите на трговското друштво од запишаната вредност на уделот кој тогаш изнесувал 231.000 денари, односно 3.750 евра.
„По склучувањето на договорот во текот на 2015 година, обвинетата со цел да го продаде јавниот монопол во здравството, започнала преговори со странско правно лице шведската компанија Дијаверум Шведска АВ за продажба на удели во ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје. За да ја избегне обврската за добивање претходна согласност од Министерството за здравство за пренос на уделот, уделот го пренела на ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје – основач на ПЗУ Диамед Македонија – носител на лиценцното договорно право во вршење на здравствена услуга во мрежа – дијализа. Без да овозможи Министерството за здравство, како јавен партнер, да утврди дали шведската компанија Дијаверум Шведска АВ ги исполнува истите тендерски услови како избраното ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, обвинетата на 31.10.2018 година склучила договор со Дијаверум Шведска АВ за пренос на удел. Со ваквите дејствија обвинетата вредноста од уделот во Метрополитен кој бил 231.000,00 денари го зголемила на 11.560.000 евра за колку и го продала на новиот правен субјект“, објаснуваат од Обвинителството.
Според Обвинителството, Иванова во свое име и во име на правното лице на кое е управител и сопственик, паричните средства прибавени со сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување ги пуштила во оптек и тој износ од 3.275.000 евра, на сметка отворена на име на обвинетата, во банка во Македонија и во износ од 8.281.000 евра, на сметка што гласи на правното лице чиј краен сопственик е обвинетата, во банка во Кнежевство Монако.
Обвинителството за организиран криминал ја отвори истрагата за добивањето лиценца за извршување дијализа во октомври 2018 година, а во декември побара замрзнување на средствата префрлени во Монако. „Диамед“, пред продажбата на шведската „Диаверум“ работеше со девет центри за дијализа од 2010 година, кога го доби тендерот за концесионирање на 20 години.
Останатите центри за дијализа ги доби фирма на бизнисменот Орце Камчев, сопственик на „Орка Холдинг“. Двете фирми кои стопанисуваат со центрите за дијализа, парите ги добиваат од Фондот за здравствено осигурување.