СКОПЈЕ Е ПРВ ГРАД НА БАЛКАНОТ ШТО ВОВЕДУВА БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА ПОТПИШУВАЊЕТО НА ЗАЕМОТ ОД ЕВРОПСКАТА БАНКА

    СКОПЈЕ Е ПРВ ГРАД НА БАЛКАНОТ ШТО ВОВЕДУВА БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА ПОТПИШУВАЊЕТО НА ЗАЕМОТ ОД ЕВРОПСКАТА БАНКАЛетово ќе биде распишан тендерот за набавка на автобусите и изградба на депоата и трасата каде што ќе се движи трамвајот. (Фото: Град Скопје)

    Потпишан е договорот за заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на трамвајот на тркала во Скопје. Договорот за воведување на нов еколошки јавен превоз во главниот град денеска беше потпишан од градоначалникот Петре Шилегов, министерите за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски и претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси. Заемот од 70 милиони евра се однесува на воведување на две линии и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

    Градоначалникот Петре Шилегов по потпишувањето на заемот кажа дека ова е историски ден за Скопје, зашто после 40 години се реализира проектот трамвај.

    „Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе Бас рапид транзит систем (БРТ), што не е само успех за градот, туку е успех и за целата наша држава.  Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен и ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа индиректно ќе се намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Подигнувањето на брзината и достапноста на јавниот транспорт несомнено ќе значи и зголемување на бројот на патници кои го користат јавниот транспорт во Скопје“, рече Шилегов.

    Летово, како што кажа Шилегов, ќе биде распишан тендерот за набавка на автобусите и изградба на депоата и трасата каде што ќе се движи трамвајот. Очекува реализацијата на првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да почне да се рализира кон крајот на оваа година.

    Бас рапид транзит системот предвидува воведување приоритетни автобуски коридори кои ќе бидат наменети за енергетски ефикасни или хибридни автобуси кои ќе обезбедат брз, удобен и економичен јавен превоз. Новиот превоз ќе придонесе и до значително намалување на загадувањето. Автобусите од БРТ системот ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, а целиот систем е поставен така што во иднина ќе може да прими и 24-метарски возила.

    „Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справување со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуиран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа Аранитаси.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира