Близу 20 илјади жени од скопската населба Шуто Оризари од денес добија пристап до гинеколошка здравствена заштита, кажа министерот за здравство Венко Филипче пред Поликлината во населбата. Гинеколошката ординација беше отворена во 2017, но на крајот на јануари 2020 беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом Скопје.
Лани во октомври, Министерството најави дека во Шуто Оризари ќе почне да работи гинекологот д-р Божидар Бошковски.
„Ординацијата е опремена со најнова опрема, во вредност од 30 илјади евра, со посебен стол, со опрема за ехо, колоноскопија, со што на жените ќе им се овозможи рана дијагноза на болести и редовни прегледи“, додаде министерот.
Филипче најави дека за 10 до 14 дена ќе почне да работи и приватната поликлиника која се пријави на седмиот оглас за ординација за матичен лекар и ќе има два тима на матични лекари.
Министерството за здравство на 24 март кажа дека ниту еден доктор се нема пријавено на шест огласи од 2015 до 2020 година за издавање ординации по општа медицина за матични лекари, откако од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците реагираа дека повеќе од 5.000 жители на Шуто Оризари немаат пристап до матичен лекар, ниту можат да закажат ковид тест.
Филипче се заблагодари на Германската амбасада која, како што рече на неколку пати излезе во пресрет за снабдување на оваа Поликлиника со заштитна опрема, како и на Кинеската амбасда која донирала медицинска опрема и го реконструирала кровот на објекот.
Б. НЕСТОРОСКА