ПОЛИЦИЈАТА ПРОВОЦИРАШЕ И Е КРИВА ЗА НАСИЛСТВОТО НА ПРОТЕСТИТЕ ЗА „МОНСТРУМ“, КАЖА ПРАТЕНИКОТ АБДУЛА САЛИУ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА СПАСОВСКИ

    ПОЛИЦИЈАТА ПРОВОЦИРАШЕ И Е КРИВА ЗА НАСИЛСТВОТО НА ПРОТЕСТИТЕ ЗА „МОНСТРУМ“, КАЖА ПРАТЕНИКОТ АБДУЛА САЛИУ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА СПАСОВСКИ

    Пратеникот на Алијанса за Албанците Абдула Салиу вели дека е скандал тоа што МВР не го истражува „насилството врз демонстрантите и провокацијата од полицијата“ за време на протестот против доживотните затворски казни за осудените во случајот „Монструм“. Салиу, кој е еден од потписниците на интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска од собраниската говорница рече дека полицијата „излегла масовно со сите полициски средства против демонстрантите за невините осудени во случајот ‘Монструм’“.

    „Од сите скандали ќе спомнам уште еден скандал. Зошто полицијата излезе на протестите против доживотните казни? Полицијата излезе масовно со сите полициски средства против демонстрантите за невините осудени во случајот ‘Монструм’. Зошто не се истражува насилството врз демонстрантите и провокацијата од полицијата? Одговорите на овие прашања ги знае само министерот и треба да одговори“, кажа Салиу.

    Салиу веројатно мисли на протестот против пресудите во случајот „Монструм“ на 26 февруари, кога беа повредени 11-мина полицајци, откако демонстрантите фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети се обидоа да го пробијат полицискиот кордон. На протестот кај „Мавровка“ тешко повреден беше и новинар.

    Спасовски не му одговори на Салиу за протестот, туку зборуваше за однесувањето на Салиу на граничниот премин Блаце на 28 февруари.

    „Јас очекував дека во интерпелацијата ќе го објавите однесувањето на господинот Салиу на граничниот премин Блаце, каде што направивте скандал. Рековте: ‘никаде ред не чекам, па нема ни тука да чекам’. Мислев дека и за тоа ќе ме обвините мене“, кажа Спасовски во репликата.

    Салиу во контрареплика рече дека на граничните премини за команданти и раководители се поставени партиски војници кои извршуваат насилство врз лицата кои ја поминуваат границата.

    На расправата за интерпелацијата за Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива не присуствуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, откако претседателот на Собранието Талат Џафери не им дозволи да зборуваат за интерпелацијата со образложение дека задоцниле со доставувањето на нивната листа со говорници.

    На крајот, „за“ интерпелацијата гласаа 11 пратеници, 60 беа „против“, а немаше воздржани.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира