БОГОМИЛ ЃУЗЕЛ БЕШЕ ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ ОД СВЕТСКИ РАНГ, ОСТАВИ НЕПОВТОРЛИВО ДЕЛО, РЕЧЕ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МАНУ

    БОГОМИЛ ЃУЗЕЛ БЕШЕ ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ ОД СВЕТСКИ РАНГ, ОСТАВИ НЕПОВТОРЛИВО ДЕЛО, РЕЧЕ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МАНУАкадемик Урошевиќ за академик Ѓузел кажа дека „беше неповторлив, исклучителен и делото кое останува по него ги носи сите тие одлики“. (Фото: Принтскрин/Гезет.де)

    „Академик Богомил Ѓузел беше интелектуалец од светски ранг. Природноста и спонтаноста беа негов поетски идеал“, рече академик Влада Урошевиќ на денешната онлајн комеморација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Академик Ѓузел, поет, раскажувач, драмски писател, есеист, почина на 22 април на 82 години по кусо боледување.

    Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев кажа дека Ѓузел беше припадник на третата повоена генерација македонски писатели, генерацијата што се појавува во втората половина на 1950-те години на 20. век и која со своето дејствување изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност.

    Академик Ѓузел важи за наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. На македонски јазик во негов превод се достапни најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т. С. Елиот, В. Х. Одн , Емили Дикинсон, Шејмас Хини и други, а е составувач и преведувач на Антологијата на современа американска поезија.

    „Ѓузел беше познавач на странски јазици, информиран, со богата култура и широчина на своите погледи и рано стекната интелектуална зрелост. Тој се бореше за ослободување од конзервативните стеги, посебно во поезијата. Во годините подоцна тој се откриваше, се менуваше, постојано се преиспитуваше. Него го красеше самостојност на мислењето, а неговата голема страст беше оспорувањето на авторитетите. Така им пристапуваше на големите теми во минатото, секогаш сомневајќи се. Ѓузел е интелектуалец кој во поезијата сакаше да се ослободи од својот багаж. Тој беше неповторлив, исклучителен и делото кое останува по него ги носи сите тие одлики. Останува неговиот обемен опус, поезијата, прозата, препевите кои ги чекаат идните негови толкувачи, интерпретатори“, рече академик Урошевиќ.

    Творештвото на Ѓузел, како што рече професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Елизабета Шелева, не може да се сведе само на македонскиот простор, иако тој е Македонец кој пишувал и творел на македонски јазик.

    „Тоа творештво ги прескокна националните граници, бидејќи тој беше поет од светски ранг, уникатен, кој пишуваше на мал јазик, јазик на една мала земја кој го говорат малкумина и за жал, нема многу преведувачи кои можат да го преведат тоа што тој го напиша“, кажа проф. Шелева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира