Британскиот премиер Борис Џонсон се наоѓа под притисок да објасни кој го финансирал реновирањето на неговиот стан на улицата Даунинг 11, откако неговиот поранешен главен советник изјави дека тој можеби ги прекршил правилата за политички донации. Џонсон инсистира дека лично го платил реновирањето, а неговата портпаролка демантираше дека за тоа биле користени фондовите на Конзервативната партија.
„Лично платив за реновирањето во улицата Даунинг“, изјави Џонсон.
Тој се соочи со вакви обвинувања на осум дена до локалните избори во Англија и изборите за регионалните парламенти на Велс и Шкотска.
Џонсон на располагање има 30.000 фунти годишно за одржување и опремување на официјалната резиденција, а сѐ што ја надминува оваа сума мора да биде подмирено од самиот премиер. Во спорното реновирање наводно биле вложени 200.000 фунти, но Џонсон не пријавил дека парите дошле од некаков заем. Во март, весникот „Дејли мејл“ објави дека Џонсон планирал да ги собере парите преку донори на партијата.
Истрагата беше покрената откако изборната комисија на Британија се посомнева дека имало прекршоци при реновирањето на станот на Џонсон минатиот месец.