НАГРАДАТА „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“ НА КИНОТЕКАТА ГОДИНАВА ЗА МОНТАЖЕРОТ ТАСЕВСКИ И РЕЖИСЕРОТ МАНЕВ

    НАГРАДАТА „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“ НА КИНОТЕКАТА ГОДИНАВА ЗА МОНТАЖЕРОТ ТАСЕВСКИ И РЕЖИСЕРОТ МАНЕВПригодните плакети и значки на Тасевски и Манев ќе им бидат врачени по Велигденските празници. (Фото: Кинотека)

    Филмскиот и телевизиски монтажер Спасе Тасевски и филмскиот и телевизиски режисер Коле Манев се годинашни добитници на наградата „Златен објектив“ на Кинотеката . Кинотеката секоја година на својот роденден, 29 април, го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

    „Пригодните плакети и значки на Тасевски и Манев ќе им бидат врачени на манифестацијата ‘Златен објектив’ што ќе се одржи во Кинотеката по Велигденските празници согласно протоколите“, најавува Кинотеката.

    Тасевски е телевизиски и филмски монтажер. Од 1965 година работи во РТВ Скопје, прво како асистент-монтажер, а потоа самостојно како монтажер на телевизиската програма. Паралелно со работата во РТВ Скопје (МРТВ) работи и како монтажер на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“.  Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови како: „Истрел“ (1972), „Татко (Колнати сме, Ирина“ 197), „Јад“, како и бројни телевизиски проекти.

    Манев спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но тој е и филмски и телевизиски творец. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. По студирањето на Ликовната академија во Белград (1960  заминал на студиски престој во Париз. Потоа престојувал во Прага, каде што посетувал предавања за анимиран филм. Манев своите дела ги изложувал на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. Манев е сценарист и режисер на долгометражниот документарец „Тулгеш“ (1977), краткиот документарец „Црно во црно“ (1984), телевизискиот филм „Мост“ (2006).

    Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски, костимографката Елена Дончева, режисерот Коле Ангеловски и и костимографката Зорка Тодоровска-Младеновиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира