За време на Велигденските празници ќе се зголеми фреквенцијата на моторни возила на регионалниот пат А3 Кочани-Делчево кој води кон Бугарија. Возачите посебно треба да внимаваат на делницата од десетина километри меѓу селото Истибања и браната Калиманци каде сѐ уште на едната коловозна лента има одронети карпи, тешки по неколку тони.
Помали одрони на овие места се случуваат секојдневно, иако последните денови нема врнежи од дожд. Помали одрони има и на соседните свиоци на патот кон браната Калиманци. Затоа, на внимателно возење предупредуваат и Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) и од ЈП „Македонија пат“.
Последниот одрон се случи на 12 јануари оваа година, а на 7 август минатата година на истата делница имаше уште еден голем одрон. На повеќе места има зашитни мрежи, но големите одрони ја пробиле заштитата и карпите големи колку автомобил се срушиле на коловозот. За време на одроните немало возила.
Од АМСМ велат дека се работи на остранувањето на одроните. Две работни машини на „Македонија пат“ се на самите места и работат на постепеното остранување на големите карпи од коловозот. Сега патот е проширен сѐ до коритото на реката Брегалница за да можат возилата и во двете насоки да го заобиколуваат одронот.
Пред да се прошири овој дел на патот, сообраќајот беше во прекин и лесните моторни возила се пренасочуваа кон Виница па преку Бигла да се приклучат на патот кон Делчево и Бугарија, а тешките моторнио возила се пренасочуваа преку Пехчево. Сега нема никаков прекин, но останува предупредувањето за внимателно возење.
Т. ЈОВАНОВСКИ