„Голем формат 2“ е насловена изложбата која ќе се отвори утре во Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје, и ќе трае до почетокот на јуни. Станува збор за изложба на дела од колекцијата, од македонски и странски автори, која се однесува на односот на уметничкото дело во релација со архитектонскиот простор и набљудувачот.
Претставени се дела од 9 автори со уметнички дела во голем формат (слики, инсталации и скулптури). Селекцијата на дела од колекцијата на МСУ ја направи кустосот Благоја Варошанец. Во третата изложбена галерија од Музејот изложени се дела од Могенс Андерсен, Елизабета Аврамовска, Жанета Вангели, Бернхард Гарберт, Рене Дивије, Исмет Рамиќевиќ, Петар Хаџи Бошков, Анџело Титонел и Симон Шемов.
„Како го перцепираме форматот во уметноста? Огромен пластичен сладолед, огромни кучиња од балони, долги ролни од насликани платна или едноставно зголемени фотопортрети насликани на згради низ целиот свет се некои од примерите, каде димензијата во изразот е доминантен елемент во естетиката на уметничките дела. Форматот се однесува на големината на објектот во однос на друг објект, и не ретко може да биде еден од принципите на организација на визуелните и структурните елементи во уметноста. Форматот во уметноста не се однесува само на големината на уметничкото дело, туку е релационен принцип за односот кон предметите или односот кон човечкото тело“, вели Варошанец.