ЉУБОТЕН ОБВИНУВА ДЕКА НЕГОВИТЕ ФУДБАЛЕРКИ БИЛЕ НАПАДНАТИ И ТЕПАНИ ПО МЕЧОТ ВО ВЕЛЕС, ОД БОРЕЦ ВЕЛАТ ДЕКА ЛАЖАТ

    ЉУБОТЕН ОБВИНУВА ДЕКА НЕГОВИТЕ ФУДБАЛЕРКИ БИЛЕ НАПАДНАТИ И ТЕПАНИ ПО МЕЧОТ ВО ВЕЛЕС, ОД БОРЕЦ ВЕЛАТ ДЕКА ЛАЖАТМомент од саботната средба Борец-Љуботен, по чие завршување дошло до мешаница (Фото: Батали/принтскрин)

    Раководството на Љуботен на прес-конференција обвини дека нивните фудбалерки, стручен штаб и управа биле физички нападнати по дуелот со Борец во Велес во саботата. Се жалат дека некои фудбалерки добиле полесни повреди, сите биле трауматизирани, а случајот бил пријавен и во полиција.

    „Наместо да слават победа, од нивни познати причини решија да се пуштат во физичка пресметка со нашите девојчиња. Она што се случи по натпреварот е вознемирувачки за сите нас. Прво ја нападнаа Сенада Муратовиќ при качување по скали кон соблекувалната, прво вербално, а потоа и физички од женско лице за кое мислам дека е членка на управата на Борец. Се создаде мешаница, па нападнати беа и Теодора Бартон и Мирјана Ѓероска, а Егзона Јашари беше удрена со шише по глава. Имаше и трезвени од клубот, како таткото на голманката на Борец, кој како жив штит застана пред нас за да не биде уште полошо. Тоа се случуваше на скали седум метри високи, едно девојче да паднаше не ни сакам да помислам што ќе се случеше“, изјави Драгољуб Јовановски, потпретседателот на клубот.

    Од ЖФК Љуботен исто така обвинуваат дека и во текот на натпреварот се соочувале со разни притисоци и закани од домаќините и посочуваат дека на стадионот имало над 100 лица кои го следеле мечот, што е недозволено според протоколите за заштита од ковид-19, на што делегатот не реагирал.

    Од ЖФК Борец ги демантираат ваквите обвинувања и вината ја префрлаат на гостинската екипа.

    „Сето она што го кажуваат е лага. Судењето беше беспрекорно, сè беше коректно од наша страна. Убаво може да се види на снимката од натпреварот како се однесуваше реководството на Љуботен. Постојано довикуваа и пцуеја по нашите фудбалерки, а еден двапати го бркаа од теренот. По завршувањето на натпреварот, на пат кон соблекувалните се направи гужва, кога слегуваа нашите и нивните играчи. Нашите редари правеа простор за непречено минување. Тогаш кај нив се создаде хистерија, се пцуеше, ги навредуваа нашите фудбалерки, некои од нив плачеа… Не знам зошто им требаше сето ова. Ако сме победиле, зошто да ги нападнеме“, вели Тоше Нацев, тренерот на Борец.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира