НАСЕЛБАТА ШУТО ОРИЗАРИ БЛОКИРАНА ПРЕД РАМАЗАН БАЈРАМ, ГЛАВНАТА УЛИЦА ПРЕТВОРЕНА ВО ПАЗАР

    НАСЕЛБАТА ШУТО ОРИЗАРИ БЛОКИРАНА ПРЕД РАМАЗАН БАЈРАМ, ГЛАВНАТА УЛИЦА ПРЕТВОРЕНА ВО ПАЗАРУлицата тешко се минува и со автомобил, а вчера поради хаосот имало и сообраќајна несреќа меѓу две возила. (Фото: СДК.МК)

    Целата улица Индира Ганди во скопската населбата Шуто Оризари е претворена во пазар. Пред празникот Рамазан Бајрам, населбата е целосно блокирана од тeзги и продавачи поставени кој каде стаса и паркирани возила на сите страни.

    Автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници нема шанси да ја минат оваа делница и да стасаат до последната автобуска станица, па патниците ги оставаат кај затворот во Шутка.

    „На оваа делница имаме три автобуски линии 19, 20 и 81. Точно е дека изминатиов период односно од викендов имаме проблеми да стигнеме до крајната станица. Додека работи пазарот автобусите не можат да се пробијат низ улицата. Доколку нема асистенција на полицијата да се регулира сообраќајот се движиме само до затворот“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Улицата тешко се минува и со автомобил, а вчера поради хаосот имало и сообраќајна несреќа меѓу две возила. Како што велат од Министерството за внатрешни работи, повредените лица со возило на Брза помош биле пренесени во Ургентниот центар, им биле констатирани телесни повреди и се пуштени на домашно лекување.

    „Општината има свои служби и инспекции и потребно е да интервенираат доколку недозволиво се блокира целата улица“, велат од МВР.

    Жителите на населбата велат дека неколку пати побарале од градоначалникот Курто Дудуш да интервенира и да овозможи улицата да биде проодна, за да може автобусите да се движат и да не одат дури до затворот да чекаат автобус.

    Градоначалникот Дудуш не одговараше на нашите телефонски повици ниту на смс пораки со прашањата зошто дозволува да владее хаос во населбата и каде се службите да интервенираат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира