Ретка „црна габа“ која го напаѓа мозокот сè повеќе се среќава кај ранливи пациенти во Индија, вклучувајќи ги и оние со ковид-19, додека тамошниот здравствен систем продолжува да се мачи во пандемијата. Министерството за здравство излезе со совети како да се лекува инфекцијата. Во сојузната држава Гуџарат се забележани 300 случаи во четири града, според податоците од државните болници.
„Инфекцијата наречена мукормикоза е многу сериозна, со висока стапка на смртност и потребни се многу лекови и операција за да се одржи состојбата под контрола“, вели Питер Колињон, експерт за заразни болести од Светската здравствена организација.
Болеста ја предизвикува мувла која живее во околината, вклучувајќи почва и растенија. Мукормикозата се среќава низ цел свет и може да се добие и во болница, преку вентилациски системи или ако има мувла на болнички постелнини.
„Тоа се габи кои влегуваат во синуси, а оттаму во главата. Кога имунолошкиот систем не може да ги држи под контрола, тие ја напаѓаат базата на мозокот и тогаш ситуацијата станува многу сериозна“, вели Колињон.
Пред пандемијата, во САД имало околу 500 случаи годишно, но, според Колињон, ковид-19 создава услови инфекцијата полесно да се шири, особено во преполни и тесни средини, како што е сега случај во Индија. Симптомите се болка и црвенило околу очите и во носот, треска, главоболка, кашлање, повраќање со крв, црн и крвав исцедок од носот и заматен поглед. Колињон вели дека лекувањето на мукормикозата е скапо и тешко, а смртноста е околу 50%.